Фото: Пиксабеј

Водата од градскиот водовод во Струга повторно е безбедна за пиење, откако по речиси еден месец е укината забраната за нејзино користење. Одлуката ја соопшти јавното претпријатие „Водовод и канализација“ на својата официјална Фејсбук страница, а информацијата ја потврди и Општина Струга.

Како што информираат надлежните, одлуката е донесена по најновите анализи на водата од изворот „Шум“, кои покажале дека параметрите се во дозволени граници.

Според анализите на Центарот за јавно здравје – Охрид, направени на примероци од водоводниот систем, водата во Струга е безбедна за пиење. Резултатите од денешните мостри земени од изворот „Шум“ и од неколку контролни точки во градот покажале матност во дозволени граници – 1,11 на извориштето и околу 0,80 во градската мрежа, при максимално дозволена вредност од 1,5.

Од институциите посочуваат дека и во наредниот период ќе продолжи секојдневното земање мостри поради можни варирања на вредностите.

Забраната за користење на водата од градскиот водовод, од кој со вода за пиење се снабдуваат Струга и околните села, беше воведена пред речиси еден месец поради зголемена матност на изворот „Шум“.