Исчезнувањето на тројцата македонски туристи на плажата „Посиди“ на Халкидики, меѓу кои уште се трага по третиот, го привлече вниманието на регионот, со што српските медиуми и фејсбук-страници посветени на туризмот во Грција, понудија совети и предупредувања за посетителите на плажата.
Драмата на Халкидики се случи на плажата „Посиди“ која истовремено е преубава и опасна, пишува Б92, посочувајќи објава на фејсбук-страницата „Грчко ќоше“, во која се даваат совети на што би требало да се внимава при посетата на оваа плажа.
– „Посиди“ (или песочен јазик во слободен превод) е точка што го спојува Солунскиот Залив со Егејското Море. Обликот на плажата се менува со плимата и осеката. Кога дува северец (или митинос, како што го нарекуваат Грците), таа се врти кон Солунскиот Залив, а кога дува јужен ветер се врти на спротивната страна кон местото „Посиди“. Во околина, во сите временски услови, има силни струи. Постарите постојано ни велеа никогаш да не се капеме на самиот врв на плажата, бидејќи струите влечат како правосмукалка – се вели во објавата, во која се додава оти многумина туристи се капат не водејќи сметка за морските струи.
Токму затоа се повикува и на претпазливост на оваа плажа, особено ако посетителите се со деца. А за ризиците на „Посиди“ пишуваше и порталот српскиот портал „Грција инфо“, исто така нагласувајќи дека обликот на плажата се менува поради плимата и осеката.
– Некогаш крајниот десен дел „потонува“ во морето и не се гледа, а некогаш ќе „изрони“, но во поинаков облик отколку претходно – наведува „Грција инфо“.
Плажата се состои од два дела, од кои едниот е уреден, со бар и со лежалки и чадори. А од барот до крајниот западен рт, на потегот од нешто повеќе од еден километар, се пружа неуредена плажа од најситен бел песок. Водата на ’ртот Посиди е чиста и топла, а плажата е пространа, со што на неа нема метеж. Но, морските струи се прилично силни, особено на врвот на ’ртот, со што не се препорачува оддалечување од брегот.