Western Balkans in Skopje
Фото: ЕПА

Лидерите на земјите од Западен Балкан на состанокот за Планот за раст за регионот што се одржа вчера во Скопје усвоија Заедничка изјава, со која се обврзаа за развој на шесте држави по европски стандарди и го нагласија огромното значење на соработката во регионот, како стратешки сојуз на државите од Западен Балкан, за постигнување на заедничка цел – членство во Европската Унија.

Премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан по состанокот на лидерите, истакна дека Планот за раст е досега најсериозната политичка потврда од Европската Унија дека тие имаат конкретен план за ефикасна европска интеграција на Западен Балкан.

-Во овие клучни моменти за прогресот на регионот, а пред сè за македонската европска иднина, ЕУ и САД од овде, од Скопје испратија јасна порака за поддршката на ефикасната интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Воедно, испратија и порака дека во тој процес, сметаат на проевропските државни лидерства – рече Ковачевски.

Тој нагласи дека Планот за раст е конкретна акција на ЕУ за зголемена регионална соработка и вклучување на земјите од Западен Балкан на заедничкиот европски пазар, а со усвојувањето на заедничка декларација лидерите ја потврдиле заложбата за спроведување на активностие од Планот кои, пред се, напомена, се однесуваат на реформите и на унапредување на соработката.

Во контекст на Македонија, Ковачевски подвлече дека земјавата веќе три децении е во пристапниот процес и има добар степен на усогласеност на нашето закондавство со правото на ЕУ од над 50 проценти.

Тој како домаќин на завршниот меѓународен настан во неговиот, како што вели, прв мандат како премиер, се заблагодари на сите за партнерството и соработката.

-Заедно поминавме низ многу предизвици, се држевме едни со други и ги здруживме силите кога тоа беше потребно. Верувам дека и во следниот мандат ќе ја продолжиме и интензивираме проевропската агенда која нашите граѓани ја очекуваат од нас. Регионот, Северна Македонија припаѓа во ЕУ, и тоа е процес кој е започнат и нема да застане. ЕУ е нашата единствена алтернатива и стратешка цел. И затоа и тука, и пред вас ќе повторам – со политичка волја и напорна работа, нема недостижна цел – рече Ковачевски заблагодарувајќи се на меѓународните партнери и лидерите од регионот  за денешната исклучително важна средба посветена на Планот за раст.

Помошникот државен секретар О’ Брајан пак порача дека регионот никогаш не бил поблиску до ЕУ. Со малку работа може да ги направиме работите подобри.

-Планот за раст е многу поразличен од претходните понуди на Унијата, ајде да ја завршиме практичната работа. Секој од лидерите ја препознава и согледува важноста од напредувањето, но е подготвен и да го преземе политичкиот ризик. Се надевам дека ќе постигнеме промена и дека ќе им понудиме можност на граѓаните во целиот регион – порача тој во обраќањето на лидерскиот состанок за Планот за раст на Западен Балкан што се одржува во Скопје.

Според О’Брајaн, во процесот никој нема никого да блокира, ниту има право на вето. Никој нема да го сопре другиот да напредува поради некакви нерешени билатерални спорови, а секоја земја што ќе се обиде да го направи тоа, ќе се соочи со последици.

Во следните неколку месеци се очекуваат и практични иницијативи, а освен за слободниот проток на луѓе, стоки и услуги и за единствената европска зона за плаќање, меѓу лидерите се разговарало, како што откри О’Брајaн, и за други идеи како што се производството, преносот и трговијата на електричната енергија.

Генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, Герт Јан Копман, пред почетокот, порача дека Планот за раст е потенцијален иницијатор на промени за регионот и може двојно да ја зголеми големината на економиите во следната декада. -Навистина е мотивирачки да се види како регионот го прифати концептот и работи напорно на реформите, кои ќе помогнат да се овозможи растот – изјави Копман.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за Планот за раст на ЕУ,  вели дека ќе дадат се од себе да ги спроведат реформите за да добијат можност за пристап до тие финансиски средства што е можно порано заедно со сите останати земји. Уверен е дека работејќи само сите заедно на тој план, можен е голем напредок.

-Ова е прв пат да се состанеме, а да зборуваме само за економија, а не за големи политички прашања за кои постојат значајни разлики меѓу нас и мислам дека тоа е добар предуслов за напредок на самиот регион и луѓето да ги почувствуваат придобивките од она што го работиме – изјави Вучиќ пред состанокот.

И албанскиот премиер Еди Рама истакна дека новиот План за раст и интеграција на заедничкиот пазар, е нешто што досега беше можно само за земјите откако ќе станат  дел од ЕУ.

-Тоа е важна промена и одлична можност што не треба да ја пропуштиме. Затоа е од клучно значење сите шест земји од Западен Балкан да ги ставиме нашите граѓани на прво место и да ја оставиме политиката и историјата, бидејќи се што ќе направиме и успееме да завршиме во следните месеци, ќе го дефинира начинот, како нашите држави ќе изгледаат на крајот од оваа декада – изјави Рама.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, порача дека Планот за раст на ЕУ претставува одлична можност за сите и претсавува важен сигнал, не само за земјите од Западен Балкан, туку и за бизнисите, кои што сакаат да инвестираат во регионот.

Косовскиот премиер Албин Курти, истакна дека средбата во Скопје за Планот за раст, е многу важна, бидејќи ќе овозможи поголема регионална соработка и забрзан напредок кон ЕУ што е, вели, наша цел и наша судбина.

Со реализацијата на Планот за раст за Западен Балкан која зависи и од ЕУ, но пред се од нас, нагласи тој, земјите од Западен Балкан треба двојно да го зголемат БДП-то по глава на жител, односно од просечни шест илјади евра по глава на жител во регионот, на просечни 12 илјади евра по глава на жител во следните 10 години.

Во фокусот на средбата во Скопје биле два од четирите столбови на Планот за раст за Западен Балкан на ЕУ и тоа за заедничкиот регионален пазар и европскиот единствен пазар, кои играат клучна улога во ослободувањето на економскиот потенцијал на регионот. Се очекува тоа да ги отвори вратите за локалните бизниси и работници кон регионот и кон Европа, а воедно и ќе го направат регионот попривлечен за европските и светските инвеститори. Преку прифаќање и примена на стандардите на ЕУ, заедничкиот регионален пазар се очекува да делува како отскочна даска кон европскиот единствен пазар. Во бројки, изразено, регионална економија со нешто над 100 милијарди евра БДП и 17 милиони жители, претендира да се приклучи на пазар од 450 милиони жители, со БДП над 15 трилиони евра. БДП на земјите од регионот во однос на ЕУ е само 0,6 отсто. Воедно, со воспоставувањето и зајакнувањето на воспоставениот регионален пазар се очекува економиите на шесте земји да пораснат за околу 10 отсто.

Планот за раст беше усвоен од ЕК на 8 ноември, лани. Тој се уште не поминал на Советот на ЕУ и се очекува да се најде на една од неговите наредни седници.