Единствената погрешна одлука во целиот изминат период беше руската агресија врз Украина, а одлуките за помош и поддршка на Украина беа за да и се помогне на земјата која беше нападната да се одбрани, рече министерката одбрана Славјанка Петровска.
Таа, во денешното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, истакна дека Македонија ја осуди оваа агресија од самиот почеток.
– Се приклучивме на санкциите кон Русија и донесовме три одлуки за воена помош за одбрана на Украина, на нејзино барање, но и со согласност и став од Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, дека овие донации кои ќе бидат транспарентно објавени кога ќе има услови за тоа, никако не влијаат на борбената готовност на Армијата. Во Европа во 21-от век не е дозволено да имаме слики на загинати деца, родители, огромен број на бегалци и затоа сојузниците се обединети во потребата за помош и поддршка на Украина која се брани – посочи Петровска.
Во однос на безбедноста на Балканот и воените вежби кои се реализираат во Македонија, министерката истакна дека земјава е дел од колективната одбрана на НАТО и дека континуираните вежби се начинот на кој се одржуваат армиските капацитети и обученоста.
– Криволак е нашата национална гордост и на полигонот вежби има во континуитет. Со овие вежби и со прелетите на воздухопловите кои се случија пред неколку дена, како и слетувањето на најмодерните ловци Ф-35 пред неколку месеци се демострација на силното сојузништво и приказ дека сојузниците се грижат едни за други – рече министерката.
Посветеноста кон безбедноста на регионот, порача Петровска, може да се види и преку нашето воено присуство во мисијата на НАТО на Косово со околу 70 војници, а присутни сме и во мисијата на ЕУ, АЛТЕА во Босна и Херцеговина.