Фото: Весник Илинден

Пред петнаесет години, на 1 март 2011 година, првиот број на македонскиот весник „Илинден“ беше објавен како двоен број (март/април). Македонскиот весник „Илинден“ е гласило на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана.

Досега се објавени вкупно 71 број, со што весникот докажува континуитет и посветеност во информирањето на своите читатели и предизвикува голем интерес кај публиката во Албанија, во татковината Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во светот.

Според бројните писма што пристигнуваат до редакцијата, како и комуникацијата преку профилите на весникот на социјалните мрежи, во изминатиот петнаесетгодишен период „Илинден“ прерасна во сериозен медиум, чии вести и теми сè повеќе допираат до читателите.

Од март 2017 година, покрај печатеното издание, весникот може да се следи и преку веб-страницата www.vesnik-ilinden.com, со што стана достапен за пошироката јавност.

Од септември 2017 година, македонскиот весник „Илинден“ е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски списанија, со број ISSN 2522-6282 (онлајн) и ISSN 2522-4514 (печатено).

Од август 2022 година, весникот е член на платформата на Алијансата за етички медиуми (AEM), во која членуваат 30 печатени и аудиовизуелни медиуми во Албанија.

Македонскиот весник „Илинден“ е дел и од најголемите информативни платформи во Македонија – time.mk, grid.mk и vesti.mk.

За сите заинтересирани, сите изданија на весникот „Илинден“ се достапни во Националната библиотека во Тирана, Библиотеката на Собранието на Албанија, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Библиотеката на Институтот за старословенска култура – Прилеп, Библиотеката на Академијата на науките и уметностите на Македонија, Библиотеката „Григор Перличев“ – Охрид и Државниот архив на Македонија.

Мисијата на весникот останува да го поттикнува и промовира македонскиот јазик и македонскиот идентитет во Албанија. Редакцијата е уверена дека овие активности ќе продолжат да бидат поддржани од државните институции на Албанија и Македонија, како и од Македонците ширум светот.

Редакцијата на македонскиот весник „Илинден“ изразува благодарност до сите свои соработници, како и до лојалните читатели за покажаниот интерес за содржините што ги нуди весникот.

– „Илинден“ дава значаен придонес во промоцијата на македонскиот јазик и во отворањето прашања од интерес за Македонците во Албанија, постојано работејќи на заштита и афирмација на етничкиот, јазичниот и културниот идентитет, како и на националните традиции. Да ни се множат јубилеите и понатаму – истакна Никола Ѓурѓај, Уредник на македонскиот весник „Илинден“