Тој рече дека со Ковачевски се познаваат две недели, и сето она што е договорено било исполнето
Во Република Македонија и во Бугарија има многу јасни сили кои не го сакаат ова добрососедство и стабилност и ќе ја искористат секоја можност во наредните недели да го блокираат нашиот процес, вели бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за БНТ коментирајќи ги односите Софија-Скопје, пренесува МИА.
-За надворешната политика во нашите односи, одговорни се премиерот Ковачевски и премиерот Петков-посочи бугарскиот премиер.
Тој рече дека со Ковачевски се познаваат две недели, и сето она што е договорено било исполнето.
-Од нас зависи и ние ќе направиме се за да постигнеме добрососедство. Наведениот став го потврдивме и во разговорите-додаде Петков.
Според него, со проширувањето на односите, воведувањето пат, авион, железница до Скопје, одеднаш сите се поподготвени да разговараат за целата рамка на добрососедство.
Петков најави дека утре, по положувањето цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина во Софија со вршителот на должноста амбасадор на Македонија во Бугарија, Владимир Крастевски, заедно со претседателот Румен Радев во 17.30 часот во Благоевград ќе одадат почит на споменот на Гоце Делчев.
Премиерот Кирил Петков најави дека бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска ќе го посети Скопје и ќе одаде почит на раѓањето на Гоце Делчев. Тоа ќе го направи заедно со македонската министерка за култура.