Бугарскиот премиер Кирил Петков, по денешната средба со неговиот македонски колега Димитар Ковачевски во Рим изјави дека „најважно за владите на Бугарија и на Македонија е да продолжат со конструктивниот дијалог и да не подлегнуваат на провокации од некои групи кои се обидуваат да ги зголемат тензиите“, јави МИА.
Петков, во изјава за бугарските медиуми, повтори дека е потребно да се свика бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност на кој би се разговарало за сето она што досега го направиле владите на двете земји и дека се надева оти бугарскиот претседател Румен Радев ќе го свика бугарскиот Совет за безбедност.
– Не се обврзавме на никакви рокови, единственото нешто на што се обврзавме е да го задржиме добриот тон, а министерствата за надворешни работи да продолжат да работат. Ветивме дека ќе го задржиме конструктивниот тон. Очекуваме во наредните недели и месеци различни групи кои не сакаат добрососедство меѓу Бугарија и Македонија да се обидат да предизвикаат провокации – изјави Петков.
Претходно македонскиот премиер Димитар Ковачевски изјави дека „во овој момент не може да се каже за тоа дали има напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ со Бугарија“. Тој додаде дека разговорите продолжуваат меѓу експертските тимови на министерствата за надворешни работи и штом ќе има одреден напредок тогаш ќе биде соопштен на ниво на министри.