Бугарскиот премиер, Кирил Петков на прес-конференција им честиташе на пратениците од „Има таков народ“ на Слави Трифонов, кои одлучија да излезат од партијата, притоа останувајќи дел од владејачкото мнозинство.
– Им честитам, овие луѓе се навистина храбри – рече Петков, пренесе БНТ. бг.
– Благодарам за храброста на Радостин Василев, министерот кој со сите сили се бореше за борба против мафијата во спортот, иако наиде на неподготвеноста на Слави Трифонов да му помогне. Благодарение на Георги Георгиев, Иво Атанасов , Николај Радулов, Дејан Петков, Светлин Стојанов – рече Петков.
Како што додаде пратениците рекле дека не дошле за да ја поддржат власта, туку се против заткулисниот модел што го виделе во ИТН.
– Бугарија има шанса, мафијата штотуку го загуби коалициониот партнер – нагласи Петков.
Лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов претходно рече дека поради Македонија и финансиската криза во државата ќе ги повлече министрите од оваа партија од Владата, а попладнево тој објави дека добил информација оти пратеници од неговата партија ќе ја напуштат пратеничката група и ќе ги поддржат Кирил Петков и Асен Василев.
– Најверојатно се купени со пари и позиции. Ќе се види кој што ќе биде – рече Трифонов, додавајќи: „Но, предавството е предавство и никој не ги сака предавниците. Дури и оние кои имаат корист од нив“, пренесе БГНЕС.
Подоцна пратениците објавија дека ја напуштат партијата на Трифонов, предводена од министерот за спорт во оставка Радостин Василев кој одржа вонредна прес-конференција. Тој го обвини Трифонов дека ги повлекол своите заменици за да краде средства. Според Радостин Василев, Трифонов се однесува како единствен сопственик и ваквото однесување довело до тоа дека ИТН се самоуништи.
Радостин Василев истакна дека ИТН е бизнис, а не политички проект. За да украде некои средства од некои фирми, Трифонов повлече министри. Македонија е измислена причина што се користи за таа прилика, рече Василев.