Бугарскиот премиер, Кирил Петков во интервју за Би-би-си ја игнорираше забелешката на новинарот за правата на Македонците во Бугарија.
Oткако Петков, во интервјуто кажа дека Бугарите немаат законски права во Македонија, новинарот, Стивен Сакур му рече: „Со сета почит, и етничките Македонци ги немаат тие права во Бугарија. Всушност, Европскиот суд за човекови права имаше повеќе случаи по таа основа отколку за Бугарите во Македонија“, рече новинарот Сакур.
Новинарот понатаму додаде и дека аргументите на бугарската страна се слаби.
– Во крајна линија, се сведува на вашата политичка волја, бидејќи вашиот претседател вели дека вашата рака подадена кон македонската Влада е грешка, па ќе ви треба поддршка од многу влијателни луѓе во вашата држава ако сакате да ги нормализирате односите со Македонија – рече Секур.
Петков не одговори на забелешката коментирајќи само дека добра вест е што со македонскиот премиер, Ковачевски се договориле дека Бугарите треба да ги имаат правата кои ги имаат сите Македонци и останатите народи, како што се Албанците.
Бугарскиот премиер децидно на крајот одговори дека сака да ја види Македонија во Европската Унија.