Во изминатите две недели Министерството за внатрешни работи на Македонија поднело 21 кривична пријава за вкупно 25 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои шест се поднесени по брза постапка.
Дополнително, на подрачјето на СВР Скопје се поднесени уште пет кривични пријави за родово базирано насилство – три за кривично дело „загрозување на сигурноста“ и две за „демнење“.
Во рамки на постапките, изречени се пет мерки притвор и една мерка претпазливост на подрачјето на СВР Скопје.
Најголем дел од регистрираните кривични дела се однесуваат на „загрозување на сигурноста“ – 11 случаи, како и 10 случаи на „телесна повреда“. Евидентирани се и по еден случај за „тешка телесна повреда“, „неизвршување судска одлука“, „противправно лишување од слобода“, „обид за убиство“ и „полов напад и силување“.
Во врска со случајот за „обид за убиство“ во Скопје од пред неколку дена, сторителот е приведен и се преземаат интензивни мерки за целосно документирање на случајот и поднесување соодветна кривична пријава, стои во соопштението.
Според податоците на МВР, по сектори за внатрешни работи, СВР Скопје поднел пет кривични пријави, СВР Куманово две, СВР Штип три, СВР Охрид четири, СВР Струмица пет, а по една пријава поднеле СВР Тетово и СВР Велес.
Во истиот двонеделен период на територијата на државата биле пријавени 39 настани поврзани со семејно насилство, како и 63 поплаки од граѓани.
Од Министерството посочуваат дека, во споредба со изминатите години, во 2025 година е забележан тренд на зголемување на бројот на изречени мерки притвор во рамки на кривичните пријави по брза постапка, тренд кој продолжува и во 2026 година, особено по законските измени.
































