Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, треба до крајот на оваа недела да состави план којшто ќе биде презентиран пред советниците од Советот на Град Скопје, информираше министерот за локана самоуправа, Златко Перински, на прес-конференција во Владата по средбата на премиерот Христијан Мицкоски со Арсовска.
Перински истакна дека очекувале од градоначалничката да добијат конкретни предлози за решавање на проблемите во Скопје, но, како што рече, „не слушнале ништо конструктивно за проблемите со Јавното комунално претпријатие и Јавно сообраќајно претпријатие“.
– Можам да кажам дека уште позагрижени сме сега, отколку пред да почне состанокот. На кратко, нашите очекувања како Влада беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби кои што ќе можеме ние како Влада да помогнеме за тој план да се реализира. Но, од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно, изјави министерот Перински.
Според него, немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје е една од препреките за реализација на проектите и додаде дека до крајот на недела очекуваат Арсовска да излезе со некаков план за решавање на анјгорливите проблеми.
– Градоначалничката предложи до крајот на оваа недела да состави некаков план кој што пред се ќе биде презентиран пред советниците во рамки на Советот на Град Скопје, иако нашите очекувања не се големи, морам да признам, за жал, изјави Перински.
Одлучиле, додаде тој, да го почекаат предлогот до крајот на неделата и врз основа на тој предлог-план ќе носат заклучоци.