Чешка е наш значаен и докажан сојузник со кој веќе три децении градиме пријателски политички и економски односи. Особено ja цениме недвосмислената и отворена чешка поддршка за македонските евроинтеграции и пристапните преговори кои ги водиме, со цел, имплементирање на сите есенцијални реформи и наша брза интеграција во ЕУ, оцени претседателот Стево Пендаровски, кој од денеска престојува во официјална посета на Чешката Република.
– Благодарност за минатогодишниот ангажман на Чешка како претседавач со Советот на Унијата, но, и за сите напори што ги вложува земјата како дел од Вишеградската група, кои се од особен интерес за нас заради успешниот модел на регионална соработка – стои во објавата на Пендаровски на „Фејсбук“.
Македонското и чешкото општество, наведува Пендаровски, се поврзани со силни историски и културни врски кои ги градат нашите граѓани, а нашите две држави веќе три децении градат пријателски политички и економски односи.
-На денешната средба со претседателот Петр Павел го потврдивме нашето партнерство. Чешка е наш значаен и докажан сојузник во Обединетите Нации, во ОБСЕ, а сега и во НАТО Алијансата. Во изминатите неколку години имаме и постојан пораст на трговската размена како потврда на постојаниот развој на нашите билатерални врски во повеќе полиња – се наведува во објавата на официјалниот ФБ профил на Пендаровски по повод отпочнувањето на посетата.
Претседателот Пендаровски во Прага беше пречекан со највисоки државни и воени почести од неговиот чешки колега со што започна неговата официјална посета на Чешката Република. Двајцата претседатели остварија тет-а-тет средба, на која биле потврдени искрените пријателски односи меѓу двете држави. На средбата се разговарало за македонските аспирации за членство во Европската Унија, партнерството во НАТО, како и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на војната во Украина.
Во рамки на дводневната посета на Чешката Република, шефот на државата Пендаровски ќе има средби и со претседателот на Владата, Петр Фиала, со претседателот на Сенатот на Парламентот Милош Вистрчил, како и со претседателката на Домот на пратениците на Парламентот на Чешката Република, Маркета Пекарова Адамова.