Билатералната воена и одбранбена соработка меѓу Македонија и Албанија е на задоволително ниво, констатираа на денешната средба претседателот Стево Пендаровски и генерал-мајор Арбен Кинѓи, началник на Генералштабот на Вооружените сили на Албанија, кој престојува во официјална посета наземјава.
Како што информира Кабинетот на претседателот Пендаровски, шефот на државата и Кинѓи изразија интерес за јакнење на оваа соработка, преку отворен и конструктивен дијалог.
– Соговорниците разменија мислења и информации и за соработката во рамките на НАТО, како две полноправни членки и соседи и изразија очекување таа да продолжи и во иднина, во насока на промовирање и унапредување на регионалната стабилност и безбедност – стои во соопштението.
Претседателот Пендаровски изрази очекување дека Македонија и Албанија ќе продолжат да ги усогласуваат своите ставови во контекст на соработката во Алијансата.
Пендаровски и генерал-мајорот Кинѓи за успешен пример на соработка ги посочија учествата на двете армии во заеднички вежбовни активности и изразија надеж дека соработката помеѓу двете армии во иднина ќе се унапредува и ќе го достигне степенот на соработка на двете држави што го имаат на политичко и на економско ниво.