Претседателот Стево Пендаровски на Економскиот форум во Давос имал куса средба со неговиот српски колега Александар Вучиќ, на која ја поздравиле одлуката на СПЦ за прифаќање на афтокефалноста на МПЦ-ОА.
– Со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ на кратка средба во Давос заеднички ја поздравивме одлуката на СПЦ за прифаќање на автокефалноста на МПЦ – ОА, како чекор во вистинска насока-објави претседателот Пендаровски на својата Фејсбук страница.
Претходно, Пендаровски упати честитки по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, истакнувајќи дека ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед.
Одлуката на Српската православна црква, наведе Пендаровски во честитката, ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија.
– Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество-наведува во пораката претседателот Пендаровски.