Фото: Архива

Претседателот посака добро здравје: Сите го дишеме истиот воздух, само заедно можеме до просперитет

Претседателот Стево Пендаровски, по повод новогодишните празници, упати честитка до граѓаните во која посака пред сѐ добро здравје, но и добрина, за да се изгради хумано општетство.

Зад нас е уште една тешка година во која немавме многу причини за радост и славење. Глобалните кризи, заедно со нашите хронично присутни домашни проблеми, придонесоа повеќе да размислуваме за ублажување на последиците, отколку за развој. Ефектите ги гледаме околу нас: апатија, недоверба и разочараност кај граѓаните.

Меѓутоа, низ историјата сме поминале и низ многу потешки времиња и не сме ги загубиле вербата и надежта. Потребно е да се вратиме на вредностите кои му даваат смисла на животот. Во новата година да бидеме подобри, посолидарни, потолерантни и како поединци и како заедница. Да ги надминеме недоразбирањата кои со години нè држат во место. Наместо на трката по материјални добра, да ѝ дадеме приоритет на добрината, да си помагаме едни на други, да градиме хумано и благородно општество.

Најискрено, посакувам во 2024-та да нè служи, пред сè, здравјето. Без разлика на етничката, политичката, религиозната, родовата или каква било друга припадност, сите живееме под едно исто небо, го дишеме истиот воздух, заедно делиме и добро и лошо. И со заеднички напори можеме да ѝ донесеме просперитет на нашата мала, но преубава татковина.

Нека ни е среќна новата 2024 година, се вели во честитката на Пендаровски.


Заедно ќе работиме на исполнување на европската агенда, порача премиерот

Премиерот Димитар Ковачевски на сите граѓани им ја честита новата 2024 година, посакувајќи им многу здравје, среќа и успех во новата година.

Во новата година влегуваме со нови можности и нови планови за уште поголеми достигнувања. Граѓаните се пред сè и над сè! И во новата година ќе продолжиме да работиме напорно за уште повисоки плати и пензии, продолжуваме со поддршка на учениците, студентите, пензионерите, најранливите, но и бизнис-секторот. Нема да дозволиме никој да биде оставен сам да се справува со предизвиците.

Ако 2023 година беше година на нови можности, очекувам 2024 да биде година на остварување на европерспективите. Година во која сите заедно ќе работиме на исполнување на европската агенда, на исполнување на нашата втора, долгоочекувана цел по нашето членство во НАТО, а тоа е зачленувањето во ЕУ, порача премиерот Ковачевски во новогодишната честитка до граѓаните.

Премиерот Ковачевски во честитката се осврна на постигнувањата во минатата година.

– Годината што измина ќе ја паметиме по многу предизвици кои одговорно и посветено ги претворивме во нови можности. Треба да сме горди што заедно успеавме да постигнеме многу за сите. Ги задржавме работните места и создадовме нови, овозможивме историски раст на платите и пензиите, помогнавме на земјоделците. Со сет антикризни мерки успеавме да го заштитиме животниот стандард и ја одржавме економијата стабилна – посочи Ковачевски.

Премиерот во честитката упати пораки за заедништво.

– Верувам дека старите предизвици се патоказ за нови успеси. Верувам дека можеме, знаеме и умееме! Верувам дека со позитивен дух и енергија, со напорна работа, нема недостижна цел. Сите можеме повеќе и подобро! Да обезбедиме подобар живот за сите и секаде. Младите да ги задржиме тука во родната земја. Тие се движечката сила на нашето општество – порача во новогодишната честитка Ковачевски, посакувајќи им на граѓаните спокојни новогодишни празници и пријатни мигови со најблиските.