Консултативна средба за изработка на Рамката за развој МКД2030, во однос на животната средина
Претседателот Стево Пендаровски денеска одржа консултативна средба со претставници на граѓански организации, професори и експерти од областа на животната средина, на која беа претставени нивните размислувања и предлози во однос на приоритетите во Рамката за развој МКД2030.
Тој порача дека државата е должна да обезбеди услови за остварување на правото на граѓаните за здрава животна средина и оттаму меѓу клучните теми во МКД2030 се животната средина и одржливиот развој.
Според претседателот сега е вистинското време за да ги преосмислиме постулатите за нашиот економски, социјален, човечки раст и развој и да изградиме долгорочна визија и конкретен план за тоа каде сакаме да бидеме за 10, 20 или 30 години.
Кога зборуваме за животната средина и одржливиот развој, рече Пендаровски, се отвораат повеќе прашања: од загаденоста на воздухот, водата и почвата, до управувањето и еколошката преработка на отпад, правилно управување со природните ресурси, инвестирањето во заштитените подрачја, воспоставување и одржување еколошки стандарди во индустријата, зачувување на биодиверзитетот.
Исто така, според Пендаровски, не смееме да заборавиме дека аграрните политики кои ги развиваме како држава директно влијаат на животната средина и одржливиот развој. Во таа насока, според претседателот Пендаровски, и инвестирањето во одржливи системи за производство на храна и земјоделски практики кои ја зголемуваат продуктивноста, влијаат за подобра животна средина.
– На неодамнешниот самит „КОП 26“ во Глазгов, како држава преземавме одговорност за климатска акција и намалување на емисиите на стакленички гасови. Веќе денес треба да размислуваме и за сигурен, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем што е способен да го поддржи одржливиот економски раст на земјата, но, и генерално, за нови модели на економскиот развој – рече претседателот Пендаровски.
На консултативната средба претседателот истакна дека преку заедничка работа ќе можат да се утврдат приоритети во оваа област, препораките каде треба да бидат насочени инвестициите во ресурси и човечки капитал, како и интервенциите во законските и подзаконските акти.
– Длабоко сум уверен дека Рамката за развој МКД2030 ќе ја постигне целта доколку успееме преку неа да ја подигнеме свеста за одредени прашања во државата и да покренеме процес на мобилизација на ресурси со кои ќе се насочат инвестициите во приоритетните области утврдени со широк општествен консензус, а, со крајна цел, прогрес и подобар живот за граѓаните – рече претседателот Пендаровски.
Рамката за развој МКД2030 е стратешки документ што се изработува под покровителство на претседателот Пендаровски и ги утврдува приоритетите за развој и областите во кои треба да се фокусира државата со цел напредок и подобар живот на граѓаните во следнава деценија.
Консултативната средба беше организирана од Институтот за комуникациски студии, како дел од кампањата „Разбистри сè“.