Фото: Претседател

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Баиба Браже, помошничка на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, која e во посета на земјава по повод учеството на конференција за комуникатори на НАТО, чиј домаќин е Македонија.

-На средбата се разговараше за соработката меѓу НАТО и Северна Македонија, за новиот стратегиски концепт на Алијансата, како и за војната во Украина и улогата и важноста на стратегиските комуникации на НАТО – информираат од кабинетот на Пендаровски.

Во таа насока биле разменети мислења за комуникациските функции и планови на Алијансата, за информациските активности за време на руската инвазија врз Украина, соработката со партнерите во оваа област и дигиталните комуникации.

-Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија, користејќи ги механизмите кои ни стојат на располагање како членка на НАТО, ќе продолжи активно да се бори со цел јакнење на отпорноста кон дезинформациите, превенирање и намалување на штетните влијанија од лажните вести, кои го поткопуваат системот и колективната безбедност – соопштуваат од кабинетот на претседателот.

Пендаровски посочил дека е неопходен континуиран развој и усовршување на стратегиските комуникации кои претставуваат еден од клучните безбедносни капацитети, и дека земјава и понатаму ќе ги поддржува заедничките напори на Алијансата со цел креирање на јавно мислење базирано на фактички точни информации.