Фото: Кирил Пецаков/Фејсбук

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, вечерва прогласи победа на денешните избори и втор негов мандат како прв човек на локалната самоуправа.

Пецаков пред медиумите рече дека според податоците со кои располага партијата ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за историска победа со предност од повеќе од десет илјади гласа пред противкандидатот од СДСМ, како втор кандидат според добиените гласови.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата рече дека и резултатите за советничките листи го следат резултатот за градоначалник, односно предност некаде 3,4 наспроти еден во однос на СДСМ, но оти за бројот советници во идниот општински состав ќе треба да се почека на конечните резултати.

– Им благодарам уште еднаш на охриѓани на историската, би рекол референдумска поддршка што ми ја дадоа. Начинот и динамиката на спроведените проекти изминатите четири години сега ќе бидат уште на повисоко ниво…Секако дека тука се капиталните проекти кои се започнати, како катната гаража и Плоштадот кај Чинарот кои се тендерски завршени, ќе бидат првите што ќе почнат со градба во наредниот период, а нормално динамиката на работа и поддршката на сите сектори ќе продолжи без исклучок – рече Пецаков.

Тој рече му е драго што граѓаните на Охрид го препознале воведениот начин на работа, но оти тоа му претставува обврска повеќе да ја следи таквата насока и одговорност да ја оправда довербата.