Државниот пазарен инспекторат од утрово интензивно прави контроли во маркетите и пекарниците, каде што се проверува дали се почитува одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот. Инспекторите ќе нотираат и кои маркети не добиле леб поради најавениот штрајк на производителите.
– Инспекторите се на терен и вршат надзори во однос на одлуката што ја донесе Владата за замрзнување на цената на лебот. Кога ќе завршат со контролите, кон крајот на денот, ќе има сублимација на информациите по што ќе се знае фактичката состојба – велат од Пазарниот инспекторат.
Од таму додаваат дека сите инспектори, односно околу 170 од нив, се на терен во цела Македонија.
Рафтовите, каде што до вчера стоеја полубелиот и белиот леб, во најголем дел биле празни. Онаму каде што имало леб, тој бил производство на помали фурни и се продавал по усогласени цени. Рафтовите на кои стои лебот чија цена не е замрзната и денеска се полни.