Коњаници од Битола облечени во црни маици со македонско знаме, традиционално комитски обуени на нозете утринава дефилираа низ Кочани. Дефилето е дел од традиционалната манифестација „Патот на Илинденците“ и беше посветено на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ од 16 март, кога во пожар животот го загубија 62 лица.
Зад овој настан стои Здружението за развој на рурален туризам „Битолска коњаница Галоп“, а годинава со дефилето низ Кочани доби и посебна симболика. Во 9 часот, битолчани качени на своите коњи тргнаа од паркингот кај ресторанот „Але-Дар“, продолжувајќи по улицата „Димитар Влахов“ до кружниот тек во населбата Стришани. Оттаму, колоната се движеше по булеварот „Стево Теодосиевски“ и улицата „Маршал Тито“, за да пристигне пред зградата на Општина Кочани, каде беше направена кратка пауза и со едноминутно молчење им беше оддадена почит на прерано починатите млади кочанчани.
Потоа, учесниците се упатија по „Кеј на Револуцијата“ до Полициската станица, па на Градските гробишта, каде, исто така, беше оддадена почит на загинатите.