Коле Манев
На љубителите на седмата уметност познато им е името Стенли Кјубрик. Во ова писание нема да зборуваме за целокупното филмско дело на Кјубрик, туку само за еден филм што е снимен во педесеттите години од минатиот век, во црно-бела техника. Темата е од воените случувања и е меѓу првите филмови на Кјубрик, станува збор за филмот „Патеки на славата“, во чија главна улога е Кирк Даглас.
Спомнав, филмот е со воена тематика, се случува во Франција за време на Првата светска војна. Накратко, ова е приказната. Тројца француски војници се праќаат во мисија да ги откријат непријателските позиции, задачата не им успева, тројцата војници се означени за страшливци и неодлучни, воениот суд ги прогласува за виновни и ги осудува на смрт. Секогаш во животот, па и во филмот, има едно „арно ама“. И во филмот на Кјубрик има такво нешто, арно ама едниот од војниците е ранет! Командирот Лакс (Кирк Даглас), сакајќи да игра улога на хуманист, свикува медицински воен совет, кој според меѓународни воени правила, врз војник што добил рани во воена мисија не смее да се извршува смртна казна, без разлика за што и како е осуден! Војникот е ставен под медицинска нега, по неколку месеци кога војникот заздравува, влегува во сила пресудата од воениот суд дека тој е виновен и осуден на смртна казна. Така, според апсурдноста на секоја војна, врз војникот се врши смртна казна, без притоа да се повредат правилата на војните, колку тие да се бизарни и крајно нечовечни!
Зошто го споменувам филмот „Патеки на славата“ од Кјубрик? Отсекогаш имало војни, вакви, такви, обични и светски, и сега се случуваат воени конфликти и во Европа и подалеку, дури на повидок се најавуваат и други можни воени конфликти. И нас не нѐ заобиколуваа војните, овде-онде ни се случува понекоја, за среќа на сите нас, нашите конфликти се од помали размери, не се светски, ама некои случувања од нашите војни се навистина неразбирливи, крајно апсурдни, со што добиваат светски димензии! Во 2001 година ни се случи воен конфликт, подол и немилосрден, бидејќи беше нападната државата однадвор, се знаеше и се знае кој ја бранеше државата и кој ја напаѓаше! Тогашни челни личности од НАТО велеа дека секоја држава има право да се брани од терористички формации, бранителите го правеа тоа, ја бранеа државата, многу од нив ги положија животите, невино изгинаа и граѓани од албанска етничка припадност што не учествуваа во конфликтот ама беа жртви во воените недоразбирања, не мислам на припадници на ОНА, ОВК или УЧК, некои од овие споменативе се странски воени формации!
Во име на сожителството и мирот на овие простори, со помош на странски фактори се случи рамковен договор со кој поранешни терористи, сегашни борци за човекови права, од планина дојдоа и седнаа во топлите столови од власта. Вистината укажува, некои од нив требаше да заминат во Хаг, добија помилување од нас во име на разбирање и иден спокој во секојдневниот живот. Бранителите се заборавија, како да не постоеја! Секоја поставена спомен-плоча за нивните загубени животи веднаш се сквернави, крши или валка, како бранителите да се претворија во нешто диво и непожелно за новото општество. Останаа во сеќавање најмногу во нивните семејства, кои и денес тагуваат по нивните загубени животи!
Пред петнаесетина години се поведе иницијатива да се донесе закон за посебни права на припадниците на безбедностите сили и членовите на нивните семејства, со кој закон се изрази благодарност за одбрана на државата и почит за нивната пожртвуваност. Арно ама, рековме често се јавува ова арно ама, на поранешните терористи (така ги нарекуваше првиот човек на НАТО) сегашни учесници во власта, им дојде идеја дека во тој закон треба да влезат и поранешните борци на ОНА или ОВК, со тоа ќе покажеле колку се грижат за само еден етникум, тоа е албанскиот! Цврсто убедени дека тоа се вистинските патеки што водат кон слава и просперитет, ама само за еден слој од граѓаните, според нив, Албанците! Простотилак и примитивизам до небото и назад.
СД(с)М заедно со ДУИ владееја цели седум години, дури и кога го дишеа овој македонски воздух имаа време на јужниот сосед да му распродадат сѐ што тој ќе посакаше, името како капак на разнебитувањето, со источниот сосед нели сме ист народ и имаме заедничка историја, тоа значи сѐ што е наше е и нивно, ама сѐ што е нивно не значи дека е и наше!
И додека (с) се занимаваше со вакви историски претумбации, коалицискиот партнер беше опседнат само со правата на еден етникум, во заборав дека има мнозински народ и други етникуми, си тераше по свое и законот за припадниците на безбедносните сили се влечкаше од една фиока во друга. Сега многу тешко им паѓа бидејќи и едните и другите поради нивните криминални подвизи сами се сместија во опозиција. Од колективното паметење исчезнаа, се плашат да не влезат во политичкиот рулет, загрижени се за дијаманти и голема бројка на кеш, кој со итроштина го заработија за време на нивното владеење и си го чуваа под перница!
Арно ама пратеничката Славјанка Петровска се сети на заборавениот закон за припадниците на безбедносните сили и го предложи за расправа во Собранието! Било како било, ама тука излегува едно спонтано прашање, зошто почитуваната Славјанка, поранешна министерка за одбрана, за време на нејзиниот мандат не го постави ова прашање до Собранието и да образложи дека во Вејце беа убиени полицајци.
Петровска можеше да спомене за трагедијата во Карпалак, дури можеше да каже збор-два и за Диво Насеље и, така, со такво солидно образложение, законот за бранителите можеше и да помине. Но, од друга страна, командирот Лакс (Алијас Ахмети) ќе речеше не, не може, бидејќи и тие се бореа за човекови права, како што и денес претседателката при собраниската комисија за социјални работи, исто така почитуваната Илире Даути, вели дека овој закон никогаш нема да види светлина ако во него не влезат борците на ОНА или ОВК, сеедно!
Што е најнечесното во целата ова лакрдија што ни се случува со години? Најгрдото, најнечовечното е во тоа што животите што ги дадоа бранителите за одбрана на државата сега се користат како безвредна пара, монета за партиско и политичко поткусурување, а нивните семејства постојано ги потресуваме со ваков закон или онаква етничка определба.
Кога не ги почитуваме или не сакаме да ги спроведуваме правилата на војната (филмот на Кјубрик ни потврдува дека и во војната има правила), ние како општество уште помалку сме кадарни во мирот да создадеме хармонија, етничка, културна или политичка. Ама ние не сме доследни да направиме каква било! Дотогаш ќе се валкаме во нашето нецивилизациско блато, кое самите го создаваме.