Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова денеска на прес-конференција во Собранието информираше дека на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика е разгледан Предлог-законот за изменување на Законот за работните односи, со кој се предлага намалување на прагот за репрезентативност на синдикатите од 10 отсто на 5 отсто во Економско социјалниот совет (ЕСС).
Како што кажа, оваа измена има јасна цел – да создаде поправедни и поинклузивни услови за синдикално здружување и претставување во Економско – социјалниот совет.
Според неа, намалувањето на прагот ќе овозможи повеќе синдикати да добијат право на учество во ЕСС, каде што се носат важни одлуки за работниците, работодавачите и државата. Панова рече дека на вчерашната средба со претставници од КСС, КСОМ и УНАСМ, имало поддршка за оваа иницијатива.
-Нивните ставови беа јасни – оваа промена е потребна, праведна и доаѓа во вистински момент. Како пратеници на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата јасно порачуваме: целта не е создавање конфронтации меѓу синдикатите, туку отворање простор за реален и фер социјален дијалог. Репрезентативноста не треба да биде пречка, туку средство за вистинско застапување на интересите на работниците – рече Панова.
Пратеничката група останува отворена за комуникација со сите синдикални организации, вклучително и оние кои не биле присутни на средбата бидејќи, како што кажа Панова, тие веруваат дека само преку вклученост и дијалог може да се изгради постабилен социјален систем.
– Оваа измена е само еден од чекорите што ги преземаме во насока на посовремен, поправеден и европски трудов систем – рече Панова.
Н денешната седниа на Комисијата за економски прашања за натамошна постапка се изгласани Предлог-законот за изменување на Законот за работните односи, за којшто не се прифати еден амандаман, а беа прифатени и измените на Законот за заштита од вознемирување на работно место, за којшто немаше поснесено амандамни.
На натамошна постапка се дадени и Предлог на закон за ставање во употреба на техничка опрема за транспорт, Предлог на закон за изменување на Законот за волонтерството и Предлог на закон за изменување на Законот за младински додаток, сите во прво читање.