Фото: Маја Јаневска-Илиева / илустрација

Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл за 2024 година покажува пад од два индексни поени на земјава во однос на минатата, рангирајќи ја на 88 позиција од вкупно 180 држави.

Со 40 индексни поени, што е за три под просекот од 43, земјава ја дели 88 позиција со Казахстан, Суринам и Виетнам.

Највисоко рангирана и годинава останува Данска со 90 индексни поени, по што следат Финска со 88 и Сингапур со 84 поени. На последно место е Јужен Судан со 8 индексни поени, додека пред него се Сомалија со 9 и Венецуела со 10 индексни поени.

Од земјите во регионот најдоброрангирана е Грција, која иако стагнира е на 59 позиција со 49 индексни поени.

Најлошо рангирана е Босна и Херцеговина, која бележи пад од 2 поени и е на 114 позиција со 33 индексни поени.

Најголем скок, од пет поени, од земјите во регионот има Албанија и е на 80 позиција со 42 индексни поени. Раст има и Косово од 3 поени и е на 73 позиција со 44 индексни поени.

Србија има пад од еден поен и е на 105 позиција со 35 индексни поени, исто како и Хрватска која има пад од 3 поени и е на 63 позиција со 47 индексни поени и Бугарија, која бележи пад од 2 поени, и е на 76 позиција со 43 индексни поени.

Црна Гора стагнира е на 65 позиција со 46 индексни поени.

Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2024 година покажува дека корупцијата е опасен проблем во секој дел од светот, но промените на подобро се случуваат во многу земји.

Додека 32 земји значително го намалиле нивото на корупција од 2012 година, има уште многу работа што треба да се заврши – 148 земји остануваат на истата позиција или бележат влошување во истиот период. Глобалниот просек од 43, исто така, стои во место со години, додека над две третини од земјите имаат резултат под 50. Милијарди луѓе живеат во земји каде што корупцијата уништува животи и ги поткопува човековите права.

Истражувањето исто така открива дека корупцијата е главна закана за климатските активности. Тоа го попречува напредокот во намалувањето на емисиите и прилагодувањето на неизбежните ефекти од глобалното греење.

ИПК рангира 180 земји и територии ширум светот според нивното воочено ниво на корупција во јавниот сектор. Резултатите се дадени на скала од 0 (многу корумпирани) до 100 (многу чисти).