Овој ден не е само одбележување на една бројка или на патронат. Тој е потсетник на една долга и вредна историја, на генерации професори, студенти и научници кои го трасираа патот на знаењето, напредокот и општествениот развој во нашата држава и пошироко. Од само неколку факултети во 1949 година, денес УКИМ брои 23 факултети, пет научни институти, бројни центри и над 200.000 дипломирани студенти, илјадници магистри и доктори на науки. Да работиме оваа висока установа да се вброи на листата на најдобрите, беше потенцирано денеска на одбележување на 76 години од постоење и патрониот празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска потенцираше дека успесите на студентите на меѓународен план се потврда дека УКИМ гради млади луѓе кои се подготвени за предизвиците на новото време. Како што рече, целта е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и натаму да јакне и да се вброи на листата од 1.000 најдобри светски универзитети.
-Горди сме на сите ваши постигнувања, а ваши успеси на меѓународен план се потврда дека УКИМ гради млади луѓе кои се подготвени за предизвиците на новото време. Целта на сите нас е овој Универзитет и натаму да се јакне и да се вброи на листата на илјада најдобри светски универзитети. Тоа им го должиме на патроните на Универзитетот и основоположниците на словенската писменост, како и на сите нивни ученици Климент и Наум кои во 9-тиот век ја основаа Охридската книжевна школа, првиот словенски и најстариот европски Универзитет- рече Јаневска во своетото обраќање на настанот.
Како што посочи министерката, на Владата и Министерството за образование и наука, висок приоритет им е подобрување на квалитетот на високото образование. Затоа, напомена, минатата година формирале Национално координативно тело за реформи во високото образование и научно-истражувачката дејност, кое веќе работи на подготовка на нов Закон за високо образование.
Таа информираше дека оваа година буџетот за образование е најголем досега, при што нагласи дека за наука се издвоени 680 милиони денари што е речиси двојно повеќе од минатогодишните 380 милиони денари и веќе се објавени три повици за распределба на средства за реализација на иновативни научно – истражувачки проекти.
Ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова во своето обраќање по повод обележување на патрониот празник, потенцираше дека во текот на овие 76 години, УКИМ израсна во најголема, најстара и највлијателна високообразовна и научна институција во земјава.
Зборувајќи за Светите Кирил и Методиј, Ангелова истакна дека нивната мисија претставува темел на европската културна историја, но и директна инспирација за мисијата на УКИМ.
Таа ги истакна новитетите на УКИМ кои, како што рече, се во согласност со нивната визија за отворен, инклузивен, флексибилен и европски ориентиран Универзитет, кој не го заборава својот идентитет, но смело гледа кон иднината.
-Го зајакнавме системот за обезбедување квалитет, со воведување на стандардизирани процедури и алатки за вреднување на наставата и истражувањата, отворивме Центар за отворена наука, кој им овозможува на нашите истражувачи подобар пристап до податоци, литература и меѓународна соработка , многу поинтенизвно се вклучивме во европската програма Horiznot Europe, преку која добивме и управуваме со проекти со значајно финансирање, започнавме дигитална трансформација на процесите – од упис на студенти, преку административно управување, до онлајн платформа за учење и во партнерство со Алијансата ACROSS EU отпочнавме неколку Хоризонт и други проекти, кои ни обезбедуваат интернационализација на наставата и мобилност на студентите и кадарот- наведе Ангелова.
Таа потенцираше дека во следниот период ќе бидат посветени на зголемување на практичната компонента, поддршката за младите истражувачи, ревизија на наставните програми и еколошката и социјала одржливост.
На свеченоста беа наградени најдобрите студенти за учебната 2023/2024 на УКИМ при што проректорката на УКИМ Соња Топузовска, им порача дека академското знаење кое го стекнале на УКИМ претставува основа на сите нивни клучни компетенции, но, како што рече таа, денес тоа не е доволно.
-Рамнотежата меѓу академското знаење, практичното know-how и меките вештини стануваат основа за вашите таргетирани компетенции и за вашиот кариерен напредок. Мисијата на Универзитетот е да обезбеди не само врвно образование и исклучителни знаења туку и највисоки компетенции и да ги подготви своите студенти за нивниот иден кариерен пат, за нивниот влез во работните средини каде ќе треба да го применат своето знаење кое го стекнуваат на факултетите – потенцираше Топузовска во своето обраќање.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание, Александар Николовски, им порача на студентите, кои заслужно на нивниот успех добија златник со ликот на светите Кирил и Методиј, дека нивниот главен фокус треба да биде на благодарноста и одговорноста.
-Во време кога брзаме кон следниот успех, често забораваме да го прославиме овој што сме го постигнале. Бидете благодарни на себе, на вашиот труд, на оние што беа покрај вас – семејството, пријателите, професорите. Но благодарноста не е доволна сама по себе. Затоа, понесете и одговорност. Одговорност да го споделувате знаењето, да помогнете таму каде што можете, да бидете светло за следните генерации. Заедницата се гради со мали чекори, но секој од нив почнува од поединецот- порача Николовски.
На свеченоста беа наградени Харитина Сакова од Машинскиот факултет, Стефан Кофиловски и Ана Марија Наумовска од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Душица Брачиќ од Природно-математичкиот факултет, Јана Видановска и Рената Павлеска од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Димитар Пешевски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Марко Величковски од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Никола Ристевски од Филозофскиот факултет и Давид Стојаноски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Исто така, наградата ја добија и Ања Даниловска и Софија Станческа од Економскиот факултет, Анастасија Петличковска од Медицинскиот факултет, Мими Дучева од Факултетот за музичка уметност, Ведран Чешарек од Факултетот за драмски уметности, Фросина Димоска од Фармацевтскиот факултет, Ивана Крстаноска од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“, Никола Тренов од Факултетот за ликовни уметности, Беса Исмаили од Градежниот факултет, Стефан Лакордов од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, Васка Зарковска од Технолошко-металуршкиот факултет, Сара Ацковска од Факултетот за земјоделски науки и храна, Кристијан Ристовски од Архитектонскиот факултет, Анастазија Јеринчева од Стоматолошкиот факултет, Ненад Димковски од Факултетот за ветеринарна медицина, Мила Чолакоска од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер и Надица Кремшовска од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“.
На свеченоста ректорката Ангелова ги врачи и наградите „26 јули“ на студентите Никола Ристевски од Филозофски факултет, Ана Марија Наумовска од Правен факултет „Јустинијан Први“, Ања Даниловска и Софија Станческа од Економски факултет, Нина Насеска од Филолошки факултет „Блаже Конески“, Марта Митева од Архитектонски факултет и Талија Ѓорѓиева од Факултет за драмски уметности.
Имено, јубилејот и патронатот, УКИМ ги одбележува со тридневна прикладна програма, богата со уметнички изведби, а во рамки на истата, ќе биде доделена и титулата почесен професор (professorhonoris causa) на професор д-р Питер Марк од Рурскиот универзитет во Бохум, Германија.
Пред почетокот на настанот, високи делегации на државниот врв и делегација на УКИМ, предводени од ректорката Ангелова, положија цвеќе пред споменикот на Светите Кирил и Методиј.