Фото: „Нова Македонија“

Одржана лидерската средба помеѓу чинителите на власта и опозиција

Лидерска средба за реформски закони и укинување на техничката влада беше одржана вчера во Клубот на пратениците по иницијатива на премиерот Христијан Мицкоски, како обид за воспоставување политички дијалог помеѓу власта и опозицијата. Меѓу донесените заеднички заклучоци, договорено е носење на нов Изборен законик, начелно до јуни. А било дискутирано и за модалитети за една изборна единица.
Присутни беа партиските лидери Али Ахмети од ДУИ, Димитар Апасиев од Левица и Билал Касами од коалицијата на власт, додека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја одби поканата за учество. Политичките аналитичари сметаат дека отсуството на претставници од СДСМ укажува на разединети ставови на опозицијата, како и оти отсуството од лидерската средба ја става најголемата опозициска партија во самоизолација во однос на другите политички субјекти, кои и покрај политичко-партиските разлики, одлучија да бидат дел од политичкиот дијалог. СДСМ со бојкотот ризикува да биде перципирана како неконструктивен фактор кога се носат одлуки од широко општествено значење, со што социјалдемократите сами ќе се маргинализираат при носење идни законски решенија.
Главна тема на агендата на оваа лидерска средба беше укинувањето на концептот на техничка влада, познат како Пржинска влада, кој се формира сто дена пред секои парламентарни избори. Премиерот Мицкоски и владејачкото мнозинство целат кон враќање на стандардните демократски процеси, аргументирајќи дека овој механизам е застарен и создава институционална дисфункционалност. Отворањето на прашањето за техничката влада сугерира дека веќе се подготвуваат теренот и правилата на игра за следните изборни циклуси.
На средбата беше дискутирано и за изборот на нов народен правобранител и за пакет на реформски закони што бараат поширок консензус или двотретинско мнозинство. П.Р.


Се бара консензус за укинување на Пржинската влада

Премиерот Христијан Мицкоски го отвори прашањето за укинување на концептот на техничка влада, воведен со Пржинскиот договор за надминување на политичката криза од 2015 година, оценувајќи го како застарен експеримент. Ваквиот модел што предвидува опозицијата да раководи со клучни ресори како Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика на сто дена пред избори, според власта, веќе ја изгубил својата смисла. Аргументот на премиерот се темели на ставот дека Македонија треба да излезе од рамката на ад хок решенија и експерименти што сугерираат институционална незрелост. Повикот за лидерска средба во овој миг укажува на определбата за решавање на ова клучно прашање со широк консензус, со цел следните парламентарни избори да се спроведат според стандардни демократски процедури, без потреба од преодни владини состави што често доведуваат до административна парализа.
Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, јавно ја поддржа иницијативата на премиерот Мицкоски, правејќи директна паралела помеѓу техничката влада и Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Вељаноски смета дека и двата механизма биле наметнати како привремени решенија со политичка заднина, кои наместо правна сигурност и стабилност, донеле дисфункционалност во системот. Неговата анализа сугерира дека продолжувањето на ваквите „импровизации“ само ја поткопува довербата во државните капацитети.
Евентуалното укинување на техничката влада би значело дека Државната изборна комисија и редовните институции ќе ја носат целосната одговорност за интегритетот на изборниот процес, без директна контрола од опозицијата во извршната власт. Ова претставува тест за демократската зрелост на Македонија, но и ризик, доколку довербата меѓу политичките субјекти е на ниско ниво. Успехот на оваа иницијатива зависи не само од парламентарното мнозинство туку и од гаранциите што власта ќе ги понуди за фер изборен натпревар.
За промена на Изборниот законик и укинување на техничката влада, неопходен е широк политички консензус, што во моментов изгледа неизвесно, бидејќи зависи од ставот на албанскиот политички блок и на опозицијата. Укинувањето на овој модел може да се толкува и како затворање на вратата за такви ротирачки премиерски функции во предизборие. Вчерашната лидерска средба претставува лакмус-тест дали партиите се подготвени да го затворат поглавјето на „кризен менаџмент“ или ќе продолжат со меѓусебна недоверба што бара специјални механизми за контрола. П.Р.