Минатата година, ако се анализираат сите тримесечја во споредба со 2024 година, а особено последниот извештај, се потврдуваат позитивните движења во земјоделскиот сектор. Според официјалните податоци, вредноста на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје достигнала 12,5 милијарди денари, што е зголемување од 15 проценти во однос на истиот период лани, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски од Струмица, каде оствари средба со производители и откупувачи на пролетна зелка од регионот.
Тој нагласи дека порастот не се однесува единствено на цените, туку и на зголемената количина на произведени и откупени земјоделски производи, пренесува МИА.
-Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо – појасни Трипуновски.
Министерот посочи дека пораст на количините е регистриран и кај другите земјоделски култури, што, според него, е сериозен индикатор дека 2025 година може да се смета за успешна, со засилен интензитет и на откупот и на извозот.
На средбата со производителите и откупувачите на пролетна зелка – чиј откуп се очекува да се засили од средината на наредниот месец – Трипуновски истакна дека целта му е директно да разговара со сите засегнати страни, да се информира за планираните количини за откуп, но и да ја слушне состојбата на терен од самите земјоделци.
-Јас сум убеден дека како и минатата година ќе имаме успешна година затоа што имаме квалитетен земјоделски производ којшто се бара надвор од нашите граници, не е само Украина, има и други држави коишто се заинтересирани за овој квалитетен земјоделски производ. На сите средби на коишто сум надвор од нашата држава, дали се тоа министерски форуми или билатерални средби, комуникација со министрите од регионот, секогаш и секаде користев прилика да го промовирам нашето македонско квалитетно земјоделско производство и нормално да ги отвораме пазарите ширум светот и Европа – потенцираше Трипуновски.
Според информациите од производителите, годинава се очекува приносот на пролетна зелка да се движи меѓу 60 и 80 илјади тони, додека почетниот откуп во моментов изнесува 50 денари за килограм.
































