Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, денеска, во врска со Предлог-извештајот на известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за земјава Томас Вајц, по кој Комисијата за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) треба да се изјасни утре, истакна дека во текот на вчерашниот ден биле остварени голем број на телефонски разговори, но не прецизираше дали има информации од сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ во врска со утрешното гласање во рамки на АФЕТ.
Во пресрет на утрешното гласање, Мицкоски во одговор на новинарско прашање рече дека вчера заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и други владини претставници оствариле голем број на телефонски разговори, но, како што рече, „да почекаме да дојде утрешниот ден“.
– Не се гласа утре во Европскиот парламент, туку утре поминува на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ). Во текот на вчерашниот ден имав голем број на телефонски разговори, министерот за надворешни работи исто така, други луѓе од Владата исто така разговараа во текот на денот, така што да почекаме да дојде утрешниот ден – рече Мицкоски.
Ова доаѓа по денешната расправа во рамки на АФЕТ посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на блокот, каде бугарскиот европратеник Станислав Стојанов од националистичката партија Преродба, посочи дека Бугарија во 2022 година била таа што го подигнала ветото и го деблокирала пристапниот процес за земјава, нагласувајќи дека доколку постојат билатерални прашања во евроинтегративните процеси на земјава, тоа се меѓу Македонија и Европската унија.
За Предлог-извештајот на Вајц, по кој АФЕТ треба да се изјасни утре, Стојанов рече дека имало „протекување на информации“ во текот на подготовката на извештајот, по што премиерот Христијан Мицкоски „изразил незадоволство“ од некои од поднесените амандмани на документот. Стојанов нагласи дека до европратениците стигнале информации за ненајавени средби на „главниот изготвувач на извештајот“ со македонските власти и за нарушување на правилата за транспарентност на Европскиот парламент.
Претседателката на државата Гордана Силјановска – Давкова, пак, очекува во ЕП да биде поддржана Резолуцијата која ги гарантира македонскиот идентитет и јазик, во спротивно, како што истакна денеска одговарајќи на новинарски прашања, тоа многу лошо ќе зборува за демократскиот капацитет на ЕП. Според претседателката, Резолуцијата за Македонија која што ја изгласа бугарскиот Парламент е навредлива и со неа во старт се оневозможува заедничкото чекорење низ дијалог.
Во Нацрт-извештајот за Македонија на известувачот на ЕП за земјава, Вајц, пак, има неколку упатувања на признавање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, за што тој минатата недела во интервју за „360 степени“ кажа дека е напаѓан од бугарските европратеници, но оти според него, „нема сомнеж дека Македонците се Македонци и дека македонскиот јазик е македонски“.