Министерството за образование и наука и Управата за јавни приходи потпишаа меморандум за спроведување на проект чија цел е унапредување на финансиската едукација и даночната писменост кај младите.
Документотот го потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на УЈП, Елена Петрова, соопшти МОН.
Ќе бидат опфатени сите основни и средни училишта, затоа што, како што посочија потписниците, исклучително е важно да се создаваат генерации кои ќе го разбираат значењето на даноците, функционирањето на даночниот систем, улогата на УЈП и другите финансиски институции.
Едукацијата ќе се реализира на интересен и интерактивен начин – преку игри, симулации и креативни работилници, а стекнатото знаење ќе се проверува со даночен квиз, односно натпревар меѓу учениците. Активностите во училиштата започнуваат во декември и ќе се реализираат до крајот на учебната година.
Јаневска и Петрова очекуваат висока ефективност, а резултатите од проектот може да послужат како основа за надградување на наставните програми во иднина.