Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска ќе има излагање пред членовите на Комисијата за надворешна политика на Собранието за македонско-бугарскиот дијалог. Бугарскиот премиер Кирил Петков, пак, на барање на најголемата опозициска партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), ќе реферира пред пратениците во Народното собрание на Бугарија за резултатите од неговата посета на Скопје минатата недела, како и од средба на владите на двете земји што се одржа во Софија.
Од Министерство за надворешни работи најавија дека Османи ќе ги информира членовите на собраниската Комисија за текот на разговорите и севкупните односи меѓу Македонија и Бугарија.
Петков и македонскиот премиер Димитар Ковачевски по заедничката седница на двете влади во Софија во вторникот оценија дека атмосферата на изразена политичка волја и духот на искреност и отвореност што преовладува на досегашните средби, водат кон заеднички прифатливи решенија за прашањата од интерес Македонија и Бугарија. Двајцата премиери на заедничката прес-конференцијата по седницата порачаа дека добрососедството ќе биде на пиедестал и ќе се посветат на работи што беа заборавени последните години, потенцирајќи договорите што беа потпишани вчера имаат „еден краен резултат – економски развој на целиот регион”.