Можеби ова е единствената и последна шанса за да се спасат односите меѓу земјава и Бугарија, затоа што понатаму Владата ќе има се помалку и се поразредена политичка енергија, но и целото општество да се посвети на едно прашање кое што троши и политичка енергија, но се разбира ги троши и граѓаните во овие континуирани циклуси на надежи и на фрустрации, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција.
Министерот смета дека се должни да не ги изложат граѓаните на такви, како што кажа, бесконечни фрустрации и разочарувања и дека ќе треба еден ден да се стави црта, односно да се каже дека е доста.
– Ние не можеме да имаме ваков пристап во којшто владите ќе бидат тематски, ќе се занимаваат само со едно прашање и со една надеж. Ќе мора да се фокусираме внатре, да продолжиме внатре со реформите, со европеизација на државата, меѓутоа нема да може да има енергија понатаму да се продолжи како што беше до сега. И тоа им го кажуваме и на Бугарија дека сега има еден прозорец на можности и можеби последна шанса да се спаси тоа што го изградивме во претходните месеци и да почне едно ново поглавје на позитивни односи меѓу нашите држави, но и до ЕУ дека ќе мора да кажат што понатаму – нагласи Османи.
Тој посочи дека со Бугарија комуникацијата продолжува, но и со француското претседателство кое е одговорно во овие шест месеци да го менаџира, да го координира процесот. Османи се надева дека наредните недели ќе има можност да има конкретен дијалог и конкретни чекори.
Според Османи, Скопје направи се што можеше да се направи, но и тоа што не можеше да се направи.
– Мислам дека е доста веќе. До јуни, да не се врзувам со месеци, до лето мислам дека треба да продолжиме со максимални напори како ова да успее. Сметам дека е важно и опозицијата да го сфати моментот. Да продолжиме конструктивно додека не се исцрпи оваа можност и после тоа да излеземе и отворено пред граѓаните, и отворено пред ЕУ, и отворено пред Република Бугарија дека не можеме граѓаните повеќе да ги малтретираме и да ги изложиме на ваков процес на циклични очекувања и разочарувања притоа исполнувајќи ги сите услови. Треба да знаеме на што сме, не може повеќе вака – потенцира Османи.
Министерот смета дека посебно последните месеци многу ги зближивме позициите, што ќе биде историска штета ако не се успее, зошто никогаш, како што кажа, нема да бидеме во подобра позиција за надминување на овие разлики.
Тој нагласи и дека договорот за добрососедство со Бугарија никој не смее да го стави под знак прашање. Бугарија, вели тој, секогаш ќе биде наш сосед, сојузник во НАТО и секогаш ќе биде важно да имаме добри соседски односи со нив.
Во однос на вклучувањето на САД во односите со Република Бугарија, Османи вели дека САД се навистина силно заинтересирани овој процес да успее и европското консолидирање на регионот да продолжи, но оти нема конкретен процес во кој САД се посредници во односите меѓу двете земји. Тие односи, вели Османи, се одвиваат на билатерална основа.
Османи додаде оти се надева дека на крај на мај ќе се одржи втората меѓувладина конференција со Бугарија.