Што поскоро усвојување на уставните измени, како единствена можност за продолжување на европскиот пат на Македонија, а регионот на Западен Балкан што поскоро да биде дел од ЕУ семејството, порачал шефот на чешката дипломатија Јан Липавски на средбата во Прага со министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Како што соопшти МНР, на средбата било изразено заемно задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји изминатите три децении, со акцент на недвосмислената и гласна чешка поддршка за пристапниот процес на нашата држава во Европската Унија.
-Го поздравуваме повикот од Чешка до институциите на ЕУ да презентираат јасна агенда за постепена и забрзана интеграција со државите од Западен Балкан, во насока на обезбедување опипливи придобивки за нашите граѓани – истакна Османи.
Беа разменети мислења и за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за соработката и предизвиците во рамките на претседавањето на Македонија со ОБСЕ во 2023, чија цел е зачувувањето на безбедноста на европскиот континент.