Членството на двете држави во НАТО и, поврзано со него, придонесот за безбедноста и стабилноста на европскиот континент е од огромна важност, објави министерот за надворешни работи Бујар Османи на неговиот официјален фејсбук по средбата со претседателот на Летонија, Егилс Левиц, кој денеска пристигна во официјална посета на земјава.
Османи кој на скопскиот аеродром го пречека Левиц, наведува дека во фокусот на нивите разговори биле актуелните политичко-безбедносни предизвици, како последица на руската инвазија на Украина.
– Како балтичка земја со изострена диоптрија за геополитичките ризици, Летонија останува наш доследен поддржувач на патот кон ЕУ, со став дека отпочнувањето пристапни преговори со ЕУ е од витално значење како за нашата држава, така и за Европа – напиша Османи.
Наша намера е, додава шефот на дипломатијата, да пристапиме кон Иницијативата на трите мориња, чијшто актуелен претседавач е Летонија, а во која членуваат дванаесет држави членки на ЕУ меѓу Балтичкото, Црното и Јадранското море, меѓу нив и држави без излез на море, како што е Северна Македонија.
Предвидено е летонскиот претседател Егилс Левиц, во рамки на официјалната посета, утре да има средба со својот домаќин претседателот на С Македонија Стево Пендаровски.