Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Јордан ја отвори овогодинешната Медитеранска конференција на ОБСЕ, во својство на претседавач на групата медитерански партнери за соработка на ОБСЕ, соопштија од МНР.
Во воведното обраќање, министерот Османи се осврнал на споделените безбедносни предизвици со кои се соочуваат земјите од Медитеранот и земјите учеснички на ОБСЕ. Тој упатил на агресијата од страна на Руската федерација врз Украина и силното влијание врз политичките и безбедносните процеси врз регионот на ОБСЕ и земјите од Медитеранот.
– И покрај тоа што нашите заеднички напори да ја запреме агресијата врз Украина во моментот не вродуваат со плод, во светло на воинственото лице на Руската федерација, ова не е време за дефетизам, туку активен ангажман. Ние мора да најдеме начин да ги намалиме болката и тежината на агресијата, со силен фокус врз луѓето кои страдаат и имаат потреба од поддршка. Треба да го искористиме овој форум за да повторно ја подвлечеме безбедносната меѓузависност меѓу двата региона, тој на ОБСЕ и Медитеранот, конструктивно и во духот на вистинско партнерство – споделени приоритети кои задираат во животите на сите наши граѓани – истакнал министерот Османи, стои во соопштението од МНР.
Тој упатил на важноста од спроведување на националните агенди во функција на поддршка и зајакнување на младите, жените, справувањето со ефектите на климатските промени и борбата против трговијата на луѓе. Подвлекол дека овие теми ќе бидат дел од приоритетната агенда на нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година.
– Нашата младина веќе ги чувствува сините ефекти од климатската криза. Тие треба да бидат на браникот во справувањето со овие феномени во годините што доаѓаат. Нашата иднина ќе биде во нивни раце и ние мора да создадеме предуслови за нивна ефикасна акција и делотворен ангажман – нагласил министерот Османи.
Во дискусијата на отварањето учествуваа министрите за надворешни работи на Јордан, Сафади; Полска, Рау; Шведска, Билсторм (преку видеообраќање) и генералната секретарка на ОБСЕ, Шмид. Фокусот на дебатата, информираат од МНР, бил насочен кон безбедносните предизвици предизвикани со агресијата на Руската федерација врз Украина и соодветните импликации, безбедносната меѓузависност меѓу регионите, европскиот и медитеранскиот, и потребата од конкретна соработка и позитивен ангажман, импликациите од агресијата, недостигот и недостапноста на храна, енергетската несигурност, климатската криза…
На дводневната конференција учествуваат преку 200 високи претставници на земји учеснички на ОБСЕ и медитеранските партнери за соработка на приоритетни теми поврзани со зајакнувањето на младите и жените, справувањето со ризиците од климатските промени и трговијата со луѓе, и слично.