Фото: Зоран Антоски

По единаесетти пат, денес 28.07.2025 година, самостојната Кичевска коњаница „Пресвета Богородица Пречиста“ го започна своето патешествије од истоимениот манастир до славно Крушево. По утрената Богослужба збогатена со литургија и избор на војвода, коњаницата тргна по својот пат до Крушево, каде на втори август ќе биде дел од дефилето на коњаниците, на свеченото одбележување на овој голем национален празник.

Фото: Зоран Антоски

-Коњаницата „Пресвета Богородица Пречиста Кичевска“ по единаесетти пат зеде учество на Илинденскиот марш за на 2-ри Август да биде во дефилето на Мечкин Камен во Крушево. По утрената Богослужба , 25 коњаници што зедоа учество во кичевската коњаница , во 10 часот положија заклетва а за војвода го избраа Орце Богданоски од Кичево. Потоа преку Манастирско Доленци и Србјани тргнаа кон градот Кичево, каде низ градот ќе имаат свечено дефиле и посета на градската црква„ Свети Петар и Павле“. Потоа коњаниците патот ќе го продолжат низ селата Другово, Пополжани, Видрани, Брждани и Свињишта, за вечерта околу 20 часот да пристигнат во селото на славниот војвода Јордан Пиперката, Козица, каде ќе биде организирана комитска вечер збогатена со музичка програма а ќе бидат доделени плакети и благодарници – истакна основоположникот на кичевската коњаница Станоја Станојоски и продолжи.

По ноќевањето во Козица коњаницата утре претпладне преку селата Белица, Прострање, Велмевци, Бабино и Жван ќе пристигне во село Сопотница, каде и ќе ноќева. Во текот на вечерта во селото ќе биде организирана комитска вечер збогатена со музичка програма на групата„ Бели Мугри“ од Кичево.

Наредниот ден коњаницата заминува од Сопотница и се упатува кон Прибилци, Сладуево а комитска вечер ќе биде организирана во село Журче, збогатена со музичка програма во која ќе учествува пеачката Елена Велевска со нејзиниот бенд.

Фото: Зоран Антоски

На 31 јули,четврток, коњаницата од Журче преку Острилци ќе се упати кон Крушево каде ќе се спои со коњаницата на Здружението„ Илинденски марш 1978“ од Скопје и заедно ќе влезат во Крушево. На 1-ви август кичевската коњаница ќе биде дел од свеченото дефиле низ градот Крушево, додека на 2- август,сабота, ќе се упати кон Мечкин Камен и ќе учествува на манифестацијата 10 дена Крушевска Република. На 3-и август кичевската коњаница од Крушево ќе се упати кон село Кладник каде во понеделник на 4-ти август, кога била и славната битка на Ѓурѓејца ќе се поклони пред споменикот а ќе биде извршено и доделување на плакети и благодарници-додаде Станојоски. З.А.