Фото: „Нова Македонија“

Без македонски знамиња за големиот државен празник?!

Тетовските улици останаа без македонски знамиња за време на големиот државен празник 11 Октомври, реагираат граѓани на социјалните мрежи. На приложените фотографии од тетовските улици евидентни се само плакатите за промоција во тековната кампања во пресрет на локалните избори.
Од друга страна, Општина Тетово на општинската фејсбук-страница објави честитка по повод празникот до сите граѓани на земјава, во чиј прилог беше објавена фотографија со македонското, албанското и општинското знаме. Н.М.


Штип

Волонтери ја исчистија шумата кај Мирјанина црква

Шумата кај Мирјанина црква повторно стана место за прошетка и одмор откако млади од Штип, Скопје, Куманово и Велес, како и волонтери пристигнати од Колумбија и од Чешка, го исчистија фрлениот отпад, во викенд-акција под иницијатива на движењето „За почиста Македонија“.
Над 130 учесници во акцијата притоа собрале повеќе од 400 полни вреќи отпад, како што објавија организаторите. Теренската логистика – групирање по делници, „жолти зони“ за опасен отпад, брза селекција на пластика и стакло, овозможила ефикасно спроведување на акцијата. Просторот што важеше за нелегално сметиште, сега има чисти пристапни патеки и пунктови за собирање отпад, кои локалните активисти најавуваат дека ќе ги одржуваат во наредните недели.
Акцијата е во рамките на низата есенски мобилизации на „За почиста Македонија“, со цел да се спојат волонтерската работа, локалната самоуправата и јавните услуги. Паралелно со чистењето, беа снимени и кратки интервјуа за да се документираат мотивите на учесниците и да се поттикне повторување на моделот во други градови. Н.М.


Битола

Сто години авијација во Битола

 

Изминатиот викенд на спортскиот аеродром „Логоварди“, аероклубот „Мирко Тодоровски“ одбележа настан со кој означи „Столетие“, односно сто години постоење на авијацијата во Битола.
Првите летови над градот, според документацијата на клубот, биле забележани во 1925 година, а во 1935 година била воспоставена редовна авионска линија на релацијата Белград-Ниш-Скопје-Битола-Солун.
На свеченоста на спортскиот аеродром во Логоварди крај Битола беше отворена изложба и спомен-плоча поставена на ѕид на славни воздухопловци, а имаше и надлетувања што ги следеа битолчани, како и гости претставници на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Контролата на летање, клубови од Куманово, Штип, Скопје и од Прилеп. Во аероклубот „Мирко Тодоровски“се активни четири секции – моделарска, падобранска, едриличарска и секција за моторно летање.
На свечената академија, која се одржа под мотото „Столетие“, се обратија претседателот на клубот „Мирко Тодоровски“, Вања Атанасов, амбасадорот на Австрија во земјава, Мартин Памер, членот на клубот Игор Божиновски и градоначалникот на општината Битола, Тони Коњановски. Н.М.


Охрид

Повторно воведено трисменско работење на Одделението за педијатрија во охридската општа болница

Трисменско работење на Одделението за педијатрија во Охридската болница, со соодветни дежурства во ноќните часови, повторно е воведено по четиригодишен прекин, соопшти директорот на Јавната здравствена установа Општа болница–Охрид, Горан Маркоски.
Тој посочи дека тоа е овозможено благодарение на посветеноста на целокупниот персонал на Детското одделение, што со некои импровизации и крајни напори резултираше со решение за повеќегодишниот проблем.
– Од 1 септември одделението почна со работење и за викендите и со дежурства. Ова одделение има добра иднина затоа што имаме пет лекари што се пратени на специјализација, со чие враќање одделението дополнително ќе се екипира – истакна Маркоски.
Одделението за педијатрија во болницата во Охрид четири години работеше амбулантски, односно без дежурства и без хоспитализации, а децата беа хоспитализирани во болницата во Струга, поради недостиг од стручен персонал, пред сѐ лекари специјалисти.
Директорот на охридската болница појасни дека во текот на изминатата година се преземени одредени активности за непречено функционирање, како целосна санација на санитарните јазли и варосување на просторот, а се работи и на проект за целосно реновирање на одделението.
На одделението моментно се ангажирани тројца лекари специјалисти по детска медицина. За втори смени и дежурства се ангажира и лекарка од Здравствен дом–Охрид, а се ангажирани и двајца педијатри со консултантски договор, односно специјалисти педијатри од одделението што неодамна заминаа во пензија.
Од управата на општата болница овој пат беше апелирано до граѓаните, пред сѐ, да ги користат услугите на примарното здравство односно матичните лекари, со цел да не се прави непотребен метеж на Одделението за педијатрија до негова повторна целосна екипираност.
Општата болница во Охрид моментно има 35 лекари испратени на специјализација, со што се очекува со нивното дообразување да се надмине проблемот со недостиг од кадар. Н.М.