Детските градинки во Аеродром добија современи прочистувачи на воздух

Општина Аеродром направи значаен чекор кон побезбедна и поздрава средина за децата во детските градинки на својата територија, поставувајќи прочистувачи на воздух со највисоки стандарди. Станува збор за висококвалитетни прочистувачи што користат филтри „Х14 ХЕПА“, кои задржуваат над 99,995 отсто од вирусите, бактериите и други микроорганизми, обезбедувајќи квалитет на воздухот споредлив со стерилни простории, поставени во градинките „Срничка“, „Калинка“, „Црвенкапа“, „Лале“, „Чекорче“, „Бамби“, „Буба Мара“, „Сонце“, „Пчелка 1 и 2“ и „Лавче“. Дополнително, прочистувачите имаат и префилтер со активен јаглен, кој ја намалува непријатната миризба, а ја редуцира и концентрацијата на озон, азотни оксиди (NO₂) и летливи органски соединенија (VOCs). Прочистувачите имаат капацитет за проток на воздух од 2.500 кубни метри на час, овозможувајќи петкратна размена на воздухот во просториите на час.
Овој проект е резултат на договорот што неодамна го потпиша в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, со Владата, со цел значително да се намалат негативните влијанија од аерозагадувањето, проблем што, за жал, засега многу општини во Македонија, особено во зимскиот период.
– Здравјето и безбедноста на наjмладите се врвен приоритет за Општина Аеродром. Со овие современи прочистувачи на воздух обезбедуваме чист и свеж воздух во сите детски градинки и создаваме побезбедна средина за децата да можат да растат и да се развиваат здраво – вели Митески, потенцирајќи дека тоа е дел од долгорочната посветеност за подобрување на квалитетот на животот и за заштита од сите видови загадувачи што влијаат врз здравјето.


Реконструкции на улици и изградба на нови објекти во Гази Баба

Општина Гази Баба започна со реконструкција на повеќе улици со цел подобрување на условите за живот на граѓаните. Ќе се реконструираат улиците Петре Филиповски-Гарката во Триангла, Јордан Поп Јорданов во Маџари, Париска комуна во Хиподром, Патот кон гробиштата Камник, а дополнително, се очекува да се склучи и договорот за реконструкција на улицата Жан Жорес во Маџари.
Паралелно се спроведуваат постапки за избор на економски оператори за повеќе капитални проекти (изградба на нова училишна сала во ООУ „Григор Прличев“ – Железара; надградба на ООУ „Крум Тошев“ – Трубарево; изградба на нова детска градинка меѓу Маџари и Керамидница; изградба на фекална канализација во Идризово и Дрма; изградба на фекална канализација за Јурумлери; изградба на фекална канализација во Чукур Маало и Гоце Делчев; атмосферска канализација на ул. Гемиџиска и Филип Филиповиќ – Железара; како и изградба на каналот во Сингелиќ).
Со овие конкретни проекти, кои ќе прераснат во реалност, ќе придонесеме во интерес на граѓаните и на општината, велат од Општина Гази Баба.


Градежни зафати во ОУ „Круме Кепески“

Во ООУ „Круме Кепески“ завршија градежните зафати за значајно подобрување на условите за учениците и наставниот кадар. Со уреден влез, нова урбана опрема, освежени и реконструирани училници, замена на подови и поправка на оштетената фасада, ова училиште доби нов изглед и унапредени услови за работа.
– Влогот во најмладите е влог во иднината! Основните училишта во Кисела Вода се подготвени да ги пречекаат учениците на почетокот од новата учебна година, со подобрени услови. Во ООУ „Круме Кепески“ ќе се подобри образовниот процес. Влезот е уреден со павер-елементи, а дворот доби нова урбана опрема. Освежени се со боја и реконструирани 7.500 квадратни метри ѕидови во десет училници и ходници. Набавени се нови клупи и столчиња, а завршува замената на стариот под со нов ПВЦ. Поправена е и фасадата, која претходно беше оштетена од несовесни граѓани – велат од општината.
– Во изминатите четири години од стари и руинирани училници – до нови и проширени училишта. Целосно се дигитализира наставниот процес и се создаваат современи услови за учење. Сите училишта добија фотоволтаици, додека сите наставници компјутери. Обезбедени се и ранчиња за секое прваче и униформа за сите ученици. Продолжуваме со уште посилно темпо, затоа што нашите деца и ученици се нашата иднина. Тие го заслужуваат најдоброто – вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.


Интервентен центар ќе сместува ранливи категории граѓани

Во Општина Кавадарци започна со работа Интервентниот центар за итно сместување граѓани од ранливи категории, со цел да обезбеди привремена заштита и поддршка на лица од општината што се соочиле со различни видови кризи.
Центарот е наменет за жртви на семејно и родово базирано насилство, како и за граѓани погодени од природни непогоди, кои припаѓаат на социјално загрозени семејства. Во зависност од потребата и ситуацијата, времетраењето на сместувањето може да биде 24 часа, 48 часа и максимум до три месеци.
Објектот на Интервентниот центар е нов, целосно изграден со средства од буџетот на Општина Кавадарци, а неговото опремување е овозможено благодарение на донации од бизнис-секторот во општината. Центарот располага со шест апартмани, секој со капацитет да смести четиричлено семејство. Досега, згрижени се пет семејства од кои три се семејства погодени од природна непогода и две семејства жртви на насилство.
Од 2022 година активно функционира и Регионалниот советувалиштен центар за жени и деца жртви на семејно и родово базирано насилство, кој претставува прв ваков центар во Македонија. Центарот е финансиски поддржан од четири општини: Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман, и нуди психосоцијална поддршка, правна поддршка, советување и насочување кон соодветни институции и сервиси на заштита.
Со двата сервиса раководи НВО здружение за родова еднаквост „Визија“ – Кавадарци, кое постои од 1991 год. и дејствува и работи на регионално и локално ниво како женска организација што се залага за правата на жените во сите општествени структури и работи на спречување на насилството и семејното насилство врз жените и децата.
Општина Кавадарци заедно со ЗРЕ „Визија“ ќе продолжи активно да работи на создавање услови за подобра заштита и поддршка на сите свои граѓани, особено оние на кои им е помошта најпотребна.
Воспоставувањето Советувалишен центар за помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство ќе го подобри пристапот до специјализирани сервиси за жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство на локално ниво, со цел спречување повторување на идно насилство кај жртвите преку надминување на траумите и последиците од преживеаното насилство, овозможување наекономско јакнење и осамостојување на жените жртви на насилство и семејно насилство, спречување на трансгенерациското насилство преку надминување на траумите и последиците од преживеано или сведочено насилство кај деца што биле директни или индиректни жртви на насилство и семејно насилство.


Куманово

Потпишан меморандум за развој на социјалната заштита со здружението „Тајка“

Општина Куманово потпиша меморандум за соработка со здружението за поддршка и развој „Тајка“ – Гевгелија, со цел поттикнување општински, регионален и државен развој во областа на социјалната заштита и благосостојба. Основна цел на соработката е имплементација и афирмација на инвестициони и иновативни проекти со авторско право, (проекти: „Ќерката на орелот“ и „Манди“), сопственост на здружението „Тајка“.
– Преку овие проектни активности ќе се воспостави нов систем на социјална заштита, во согласност со процесите на деинституционализација, децентрализација и дигитализација, во согласност со стратешките определби на Владата и нивната примена на територијата на Општина Куманово – вели градоначалникот Максим Димитриевски.
Здружението „Тајка“ е инвеститор, имплементатор и донатор на активностите поврзани со проектите, а соработката е насочена кон лица со попреченост од 18 до 65-годишна возраст, лица со ретки болести и лица изложени на социјален ризик и општествено исклучување.

Подготви: Каролина Мицевска