Фото: З.А./Илустрација

Поради обилните врнежи и зголемениот водостој на Каменичка Река и останатите реки на територијата на Општина Македонска Каменица, надлежните служби од раните утрински часови активно ја следат состојбата на терен и интервенираат каде што е потребно.

Како што информира градоначалничката Соња Стаменкова, уште рано утринава биле известени надлежните служби на ЕВН за состојбата со електричните кабли кај мостот во близина на Градскиот пазар, со цел навремено и безбедно постапување и спречување на евентуални ризици.

-Општинските и другите надлежни служби се постојано присутни на терен, каде што се врши расчистување на локалните и земјените патишта од паднати дрва, свлечена земја, одрони и камења. Истовремено се работи и на санација на оштетувањата предизвикани од обилните дождови, со цел да се обезбеди безбедно и непречено движење на граѓаните – информира Стаменкова.

Од Општина Македонска Каменица информираат дека состојбата континуирано се следи, а сите институции се во целосна координација и подготвеност за навремена реакција доколку состојбата се влоши.

Градоначалничката упати апел до граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат движење во ризични подрачја и строго да ги почитуваат препораките на надлежните служби. Јавноста, како што беше истакнато, ќе биде редовно информирана за сите нови случувања.