Скопје

Општина Аеродром ќе го добие првиот мултифункционален центар каде што аеродромци ќе можат да уживаат во концерти, кинопроекции, мултимедијални проекции, театарски претстави, ликовни изложби, конференции и голем број други настани. Мултифункционалниот центар се наоѓа во непосредна близина на СЦ „Марко Божиновски“ во Ново Лисиче и ќе претставува место со кое ќе се збогати културниот и социјалниот живот на жителите.
Станува збор за целосна реконструкција и комплетно уредување на простор од околу 1.500 квадратни метри. Општина Аеродром со овој проект аплицираше на повикот на Владата и доби 99 милиони денари за првата фаза од реконструкцијата.
Со реконструкцијата овој простор ќе биде целосно облагороден. Покрај главна сала – гледалиште, ќе опфаќа и фоаје, бифе и едукативни простори работилници. Исто така, ќе биде изграден и лифт со што ќе се реши пристапноста до содржините на мултимедијалниот центар за сите категории граѓани.
Гледалиштето во главната сала ќе има над 240 места за седење и дополнителен ред приспособен за лица со посебни потреби во колички.
Општина Аеродром го добива својот прв мултифункционален центар со поддршка од Владата и од Министерството за култура и туризам. Овој проект е од круцијално значење, затоа што аеродромци за првпат ќе добијат културен центар, што ќе внесе посебен и нов импулс во нивниот културен-забавен живот.