Да се формира оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани со кој ќе раководи Бирото за јавна безбедност во рамки на Министерството за внатрешни работи. Ваков заклучок произлезе на седницата на Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, предводен од премиерот Димитар Ковачевски.
Оперативниот тим, како што се посочува, ќе биде составен од експерти од Бирото за јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Служба-Сектор за воена безбедност и разузнавање. Предвидено е по потреба да бидат вклучени и други институции и експерти.
Главни задачи на оперативниот тим ќе бидат стручната процена и препораки, изработка на минимум стандарди и опрема за градење отпорност на секоја институција и зајакнување на комуникацијата со јавноста на дневно ниво.
Меѓу другото, донесен е и заклучок со кој се зајакнува комуникацијата со партнерски институции во делот на проценката на отпорност и заштита на системот.
На седницата беше констатирано дека безбедносната состојба е стабилна и дека не постојат реални закани по безбедноста на граѓаните. Безбедносно-разузнавачката заедница е во секојдневна меѓусебна комуникација и координација, како и со меѓународните партнери од безбедносниот сектор со кои постојано работат на размена на информации и искуства во справувањето со хибридните закани, информираа од владината прес-служба по состанокот.
На седницата на Советот, покрај Ковачевски присутни и првиот заменик-претседател на Владата Артан Груби, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, раководителот на Служба-Сектор за воена безбедност и разузнавање полковник Ивица Ампов, а како ад-хок присуствуваше и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски. Седницата беше свикана на иницијатива на канцеларијата на Советот предводена од секретарот Даниела Илиоска.