Фото: Архива/Илустрација

До затворањето на избирачките места, изборниот ден помина генерално без поголеми нарушувања на гласањето и пријави за изборни инциденти.

Од информациите добиени од јавните обвинителства во државава, во ОЈО Кавадарци оформен е предмет по поднесено известување против лице од Неготино кое било пријавено од граѓанин за кривично дело – Повреда на слободата на определување на избирачите од член 160 од Кривичниот законик. Според наводите, пријавената телефонски се обидела да влијае кај пријавителката да гласа за една политичка партија, напоменувајќи дека е корисник на ИПАРД помош. Предметот е во предистражна постапка и се преземаат дејствија за да се утврди дали постојат елементите на пријавеното кривично дело или друго кривично дело кое се гони по службена должност.

Во ОЈО Кочани примени се известувања од МВР за пријавени настани поврзани со организирано носење на гласачи на избирачко место. Јавен обвинител веднаш даде насоки за проверка и прибирање податоци дали при превозот на каков било начин им се влијаело на гласачите во врска со остварувањето на нивното гласачко право.

Анонимен граѓанин во Ростуше пријавил дека едно лице вршело поткуп на гласачи.

-ОЈО Гостивар веднаш даде наредби и насоки, беа направени детални проверки, при што наводите не се потврдија со ниту еден доказ – велат оттаму.

Освен ова, јавните обвинителства постапуваат и вршат проверки за сите други изолирани настани за кои јавноста претходно беше информирана.

-Сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства – велат од ОЈО.