Фото: Архива/Илустрација

По насоки на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет во кој се преземаат дејствија на проверки на наводите за следење на премиерот – информираа од ОЈО ГОКК, посочувајќи дека детално ќе бидат испитани и наводите во последните известувања од АНБ.

Од Обвинителството, исто така, посочуваат дека Јавното обвинителство нема никаква можност за незаконско следење на комуникациите.

– Обвинителството единствено ги проследува законски заснованите барања од АНБ за превентивни разузнавачки мерки до Врховниот суд, кој потоа издава соодветна наредба за реализација на мерките. Согласно законот за следење на комуникациите, наредба за посебни истражни мерки може да се издаде само за кривични дела строго предвидени во самиот закон – посочуваат од Обвинителство.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски вчера изјави дека за случајот е информирано надлежното јавно обвинителство не откривајќи детали колку лица биле опфатени со прислушувањето бидејќи се работи за класифицирани документи. За периодот кога е вршено прислушувањето, Христовски рече дека во 2019 година АНБ била се, само не реформирана агенција.

– Повеќе било фасада од реформирана институција. Тоа што се случувало внатре било да една помала група составувајќи ја од еден поранешен директор и помала група вработени и тоа како имаме индиции дека ја злоупотребиле својата службена положба. За истото е известено надлежното јавно обвинителство и повеќе детали за ова не би можел да споделам, се со висока квалификација и се сензитивни, и не би сакале да нарушиме некој законски процес и воедно да попречиме процес кој е или би бил отпочнат од јавното обвинителство – рече Христовски.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој бил следен во периодот кога бил опозициски лидер, рече дека остава работата да ја заврши обвинителството. Тој се надева дека оние што ја злоуотребиле службената положба во тоа време, ќе одговараат.