Пред изборниот штаб на албанската опозициска коалиција Вреди кај плоштадот „Скендер бег“ во Скопје се поставени заштитни баридаки и се забележува присуството на полициските сили.
Од Вреди за МИА велат дека сето ова е преземено само поради безбедносни причини, но, како што посочуваат, немаат никаква најава за некаков инцидент или загрозување по животот на некој од присутните претставници од медиумите, и членовите на коалицијата.
Во штабот на Вреди доминира победничка атмосфера, присутните извикуваат „Победа, победа“, пренесува МИА. На прес-конференцијата се обраќаат претседателите на партиите од коалицијата Изет Меџити, Биљал Касами и Арбен Таравари.
За потсетување, на првиот круг од претседателските избори пред изборниот штаб на Вреди по одржување на првата прес-конференција по затворање на гласачките места, членот на ДУИ Артан Груби со други членови и симпатизери од партијата дојдоа да прославуваат пред штабот на албанската опозициска коалиција, по што сите медиумски работници и симпатизери на коалиција беа преселени на друга локација, односно кај седиштето на Демократското движење, за, како што рекоа тогаш, да не дојде до некаков инцидент.