Фото: Универзитетска клиника за урологија - Скопје

На годишниот заеднички конгрес на Европската асоцијација на генито-уринарни реконструктивни хирурзи (ESGURS) и Европската асоцијација за андролошка урологија (ESAU), кој се одржа во Торино, Италија, највисокото признание за најдобра видео презентација му беше доделено на д-р Огнен Ивановски од Универзитетската клиника за урологија во Скопје.

Како што информираат од Универзитетската клиника за урологија, во фокусот на наградената презентација е ретка и комплексна хируршка процедура на генитална реимплантација и реконструкција, самостојно изведена од д-р Ивановски и документирана преку видео-снимка, направена во една од операционите сали на Клиниката.

Ова, додаваат, е наедно прв видео запис во светот кој ја документира и детално ја објаснува оваа хируршката техника. Пациентот е следен цели три години после операцијата, со одлични резултати и без значајни компликации. Помеѓу бројните пријави од водечки европски и светски експерти, трудот на д-р Ивановски беше избран и препознаен како најзначаен придонес во областа на реконструктивната урологија за 2025.

– Оваа награда за мене е поттик да продолжам со уште поголема посветеност во интерес на пациентите и развојот на науката – истакна д-р Ивановски по доделувањето на наградата.

Со ова признание, Универзитетската клиника за урологија во Скопје и нашата земја уште еднаш докажаа дека можат да бидат рамноправен партнер со најпрестижните европски и светски медицински центри.