Средби на амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, со повеќе македонски државни функционери, на крајот на неговиот дипломатски мандат во Македонија
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со досегашниот амбасадор на Народна Република Кина во земјава Џанг Ѕуо. Во оваа пригода Гаши изрази благодарност за придонесот на амбасадорот Ѕуо во изминатите години, за одржување и продолжување на добрите односи што двете земји ги негуваат со децении. Тој му посака на кинескиот амбасадор успех во понатамошната работа и на новите должности.
– Соговорниците се согласија дека, и покрај географската оддалеченост, односите меѓу двете држави се пријателски и се развиваат во духот на меѓусебното разбирање и заемно почитување. На средбата се разговараше и за продолжување и унапредување на соработката меѓу законодавните домови, со оглед на тоа што во Собранието на Македонија е во тек процесот на конституирање на пратеничките групи за соработка – соопштија од Собранието.
Амбасадорот Ѕуо ја истакна солидарноста меѓу двете држави за време на справувањето со пандемијата на ковид-19. Исто така беа разменети мислења и околу можностите за интензивирање на економската соработка и поддршка, како и на соработката во други области.
Потенцирајќи го нагорниот тренд на билатералните односи меѓу НР Кина и Македонија, амбасадорот Ѕуо, од искуствата за време на неговиот мандат во нашата земја го издвои следниот став:
– Гаранцијата за здрав и стабилен развој на билатералните односи е основа на јавното мислење, а најефективниот начин да се постигне тоа е да се продлабочи пријателството преку проширување на културната размена меѓу луѓето. Соработката во областа на културната размена меѓу луѓето отсекогаш била светла точка на соработката меѓу Кина и Северна Македонија, а во последниве години таа динамично се развива. Од размена меѓу владини и невладини организации до размена меѓу образовни, културни институции, како и меѓу медиуми и тинк-тенкови, начините на размена и соработка стануваат сè поразнообразни, сè повеќе и повеќе луѓе се вклучени, а позитивните ефекти се сè поочигледни. Кинеската култура е сè повеќе достапна за изучување на македонските универзитети, а истото тоа важи и за изучувањето на македонската култура на кинеските универзитети. Речиси 200 кинески студенти се пријавија на курсот по македонски јазик и култура што неодамна се отвори на кинеските универзитети. Ова целосно ги одразува растечкото влијание, афинитетот и привлечноста меѓу двете култури. Успешниот развој на односите меѓу Кина и Северна Македонија е благодарение на поддршката од страна на двата народа, а целта е подобар живот за истите тие. Очекуваме повеќе луѓе од Северна Македонија да ја посетат Кина, да ги искусат развојните достигнувања на модернизацијата во кинески стил, да станат практичари, дисеминатори и промотори на пријателството Кина-Северна Македонија и да промовираат меѓусебно разбирање меѓу луѓето.