Основниот кривичен суд Скопје информира дека по препорака од психијатар се одложува денешната расправа за случајот со Мухамед Зекири. До судот е доставено ново стручно мислење на вешто лице – психијатар, според кое заради влошување на психичката состојба на обвинетиот, се препорачува одлагање на судењата во следните три до четири недели, се вели во соопштението.
Обвинителството го товари Зекири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.
На 9 април минатата година на Зекири му беше одредена мерка притвор, која што поради здравствени причини во јуни годинава му беше заменета со домашен притвор.