Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), реализиран во рамките на програмата на Европската Унија за истражување и иновации „Хоризонт Европа“. Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, кој е национален координатор на проектот.
Во своето воведно обраќање, претседателката истакна дека одливот на млади, високообразовани и компетитивни кадри претставува една од најсериозните закани за општествениот развој на државата, со значајни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалобројна и ослабена епистемолошка заедница – професори, истражувачи, новинари-аналитичари и културни работници – станува сè потешко да се креираат квалитетни јавни политики. Таа посочи дека младите заминуваат во потрага по подобар живот, но и поради недостиг на меритократија, односно потценување на знаењето, талентот, вештините и креативноста, како и поради недоволно владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето.
Силјановска-Давкова предупреди дека зголемувањето на бројот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, создаваат некритична и послушна „интелигенција“.
Таа нагласи дека справувањето со егзодусот на младите треба да започне со темелни реформи во основното и средното образование, преиспитување на високообразовната мрежа и воведување построги критериуми при изборот и кариерниот развој. Претседателката посочи и на потребата од воведување дуално образование на сите нивоа, развивање заеднички студиски програми и проекти со странски универзитети, како и поголемо вклучување на македонските експерти од дијаспората преку дигитализација и употреба на вештачка интелигенција – се наведува во соопштението од нејзиниот кабинет.

































