Фото: Фејсбук / Стојанче Ангелов

Пред Споменикот на бранителите во паркот „Жена борец” во Скопје денеска беа одбележани 22 години од оружените борби со кои македонските безбедносни сили утрото на 25 март 2001 го ослободија тетовското Кале запоседнато од ОНА (УЧК).

Чествувањето го организираше партијата Достоинство. Венци и цвеќе пред Споменикот положија претставници од Кабинет на Претседателот на Северна Македонија и од Владата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и делегации на политички партии.

Лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, изјави дека тоа била „чиста и неспорна воена победа на македонските безбедносни сили“ во која, како што рече, иако борбите биле жестоки, немаше ни еден загинат бранител.

-Македонската армија и полиција под единствена команда на генералот Панде Петровски рано утрото на 25 март 2001 година почна силен координиран напад врз позициите на ОНА во Тетовскиот Регион, вклучително и на тетовското Кале. Во нападот беа употребени борбени хеликоптери, различни видови артилериски средства, како и армиската и полициската специјална единица „Волци“ и „Тигри“, плус единици составени од професионални војници, како и припадници на резервниот армиски и полициски состав. Во текот на ноќта 25/26 март 2001 година, Калето беше исчистено од припадниците на УЧК и целосно ослободено. Истиот и следните денови исчистени од УЧК беа и повеќето шарпланински села – истакна Ангелов.

Од денешен аспект, како што рече, можеби било и подобро што конфликот кој влегол во напредна фаза бил „пресечен и сопрен“ зашто постоела опасност да прерасне во крвава меѓуетничка војна со многу жртви. Во оружените дејства во 2001, рече Ангелов, загинале 70-ина бранители, а повеќе од 300 биле повредени.

Според него, државата се грижи делумно за воените инвалиди и за семејствата на загинати бранители, но дека тоа не е доволно и, рече, не е однос што го заслужуваат македонските бранители.

-Петнаесетина семејства на загинати бранители и триесетина полесно ранети бранители до ден-денес се уште не се обесштетни… Посебен случај се припадниците на резервниот армиски состав кои не добија никаква благодарност од државата- изјави Ангелов.

На настанот присуствуваше Ацо Стојановски, воен инвалид од 2001, кој пред медиумите реагираше дека е меѓу воените инвалиди што не се обесштетени и дека се заборавени од државата.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драги Ковачки, кој како припадник на специјалната армиска единица „Волци“ учествувал во борбата за Калето во Тетово, соопшти дека оваа недела нивната пратеничка група ќе поднесе Предлог за измени на Законот за бранители, со цел обесштетување на семејствата на загинати и на инвалидите.

Ангелов додаде дека и Достоинство подготвува ист таков закон кој е во завршни подготовки за да се предложи во Собрание.

-За нас во Достоинство е ирелевантно дали ние ќе ја поднесеме иницијативата или ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе Предлог-закон за измена на Законот за бранители. Крајно време е да се реши овој горлив проблем. Не се работи за многу пари. Постои расположение и кај пратениците од владејачката СДСМ и коалицијата и кај пратениците од ВМРО-ДПМНЕ – додаде Ангелов.

Во оваа пригода тој информирање и дека ќе почне снимање на серија „Воена раскази“ во продукција на Достоинство, во кои бранители од 2001 во епизоди ќе сведочат за настани во кои учествувале.

Одбележувањето на годишнината почна со пеење на државната химна и едноминутно молчење за оддавање почит на сите бранители кои во 2001 загинаа во одбрана на државата.

Беа прочитани и цитати од книгата „Сведоштва 2001“ на генерал Панде Петровски, во тоа време заменик-началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија.