Припадниците на Генералштабот на Армијата денеска го одбележаа 28 Март – Денот на Генералштабот, како и шестгодишнината од членството на државата во НАТО.
На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик-министерот Адмир Шабани, како и поранешни началници, генерали и претставници на Министерството за одбрана и Армијата.
Во своето обраќање, Мисајловски им се заблагодари на сите сегашни и поранешни припадници на Генералштабот, нагласувајќи ја нивната клучна улога во планирањето и модернизацијата на Армијата.
– Вашата посветеност, визија и креирањето на плановите за опремување и модернизација ни го покажуваат правецот што мораме да го следиме за да имаме силна Армија, способна да ја исполни својата уставна обврска – безбедна и сигурна држава – истакна Мисајловски.
Тој додаде дека синергијата меѓу Министерството за одбрана и Армијата ќе продолжи со ист интензитет.
– Ќе продолжиме со истата посветеност и љубов кон татковината, заеднички да ја развиваме македонската Армија – порача министерот.
Осврнувајќи се на шестгодишното членство во НАТО, Мисајловски изрази почит кон визионерите и генерациите кои придонеле за остварување на оваа стратешка цел.
– Денес како земја членка, заедно со 31 сојузник, учествуваме во носењето одлуки за безбедноста на Алијансата и даваме максимум за заедничката сигурност – нагласи тој.
Во рамки на одбележувањето, се обрати и директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, кој го истакна значењето на ова тело како носител на планирањето и командувањето со Армијата.
– Заедничкото одбележување на Денот на Генералштабот и членството во НАТО ја нагласува нашата одговорност во исполнување на мисијата на Армијата и обврските во рамки на колективната безбедност – рече Јордев.
Датумот 28 март има историско значење за Армијата, бидејќи на овој ден пред 34 години беше преземен Генералштабот, со што беа поставени темелите на современата македонска Армија, веднаш по заминувањето на последниот војник на ЈНА.

































