Претседателот на Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), Стојанче Кашиковски во изјава за медиумите денеска истакна дека тие ги поддржуваат новиот Закон за заштита од пушење, но, како што рече, треба да се најдат начини и мерки да не предизвика намалување на бројот на работници во овој сектор.
– Ние како синдикат имаме забелешки и ќе ги доставиме. Очекуваме и угостителите, Комората на угостители односно на работодавачи да ги даде своите забелешки. Нашите забелешки се во насока да не се загубат работни места. Ние го поддржуваме носењето на законот, меѓутоа треба да се најдат начини и мерки да не придонесе за намалување на бројот на работници во овој сектор. Знаеме дека овие два сектора се дефицитарни со кадар. Покрај ниските плати, дел од работниците ни заминуваат во странство. Сметаме дека и ова ќе биде еден вид мал удар за исто така намалување на бројот на работници во овие два сектори – во угостителство и туризам – рече Кашиковски пред свечената академија по повод 35 години од формирањето на СУТКОЗ.
Тој смета дека добро е решението кое беше во претходниот законот каде во угостителските објекти беше обезбеден дел за пушачите.
–Сметаме дека добро е решението што беше во претходниот Закон за пушење каде беше обезбеден дел за пушачи во објектите. Треба да биде посилна контролата и мислиме дека на тој начин ќе се задоволат на еден начин и двете страни. Знаеме дека и досегашниот закон предвидуваше одредени простори за пушачите или таканаречени тараси, предвидуваше таков дел каде пушачите ќе бидат во можност да можат да уживаат во тоа нивно задоволство. Сметаме дека со стриктна примена, со посилни контроли, ќе се придонесе на тој начин – рече претседателот на СУТКОЗ.
Кашиковски нагласи дека како синдикат даваат поддршка и во однос на пиригорозност на новиот Закон за угостителство, кој се изработува од Министерството за економија и труд.
– Апсолутно како синдикат даваме поддршка во однос на пиригорозност на Законот. Зошто? Бидејќи ние како синдикат меѓу другото го застапуваме и делот за безбедност и здравје при работа на работниците и сметаме дека со овие построги законски решенија би се избегнале можности и за повреди на посетители во одредени објекти, би била поголема заштитата на работниците во овие два сектори. Покрај унапредувањето на работничките права, ние како синдикат се залагаме за почитување на сите оние мерки за безбедност и здравје при работа не само за работниците туку и за посетителите на одредени објекти- рече претседателот на СУТКОЗ, Кашиковски.































