Фото: Архива на „Нова Македонија“

Владата има идеја од Скопскиот аеродром да се организираат директни прекуморски интерконтинентални летови што ќе биде единствен случај не само за земјава, туку и за регионот. Веќе почнавме да работиме на тоа и сметам дека е огромна амбиција, но ќе имаме голем бенефит од неа, најави денеска министерот за транспорт Александар Николоски.

Тоа, како што рече на Конференцијата во организација на Меѓународната федерација на Асоцијации на контролори на летање и Македонското здружение на контролори на летање, што денеска се одржува во Скопје, ќе биде од огромна важност за земјава, бидејќи имаме огромна дијаспора која сака да лета директно од Скопје, но исто така и за привлекување на нови туристи и тоа не само во земјава, туку и во регионот.

– Контролата на летање е специфична професија која бара одлично образование и висока професионалност. Мило ми е што Македонија има привилегија да биде домаќин на овој европски регионален состанок на Асоцијацијата за контрола на летање, на кој верувам дека ќе бидат изнесени нови искуства и практики во овој сектор – рече Николоски на отворањето на Европскиот регионален состанок IFATCA ERM.

Тој нагласи дека станува збор за клучен сектор кој има огромно значење за Министерството за транспорт и за Владата.

– Највисоките стандарди мора да се применуваат во вашата професија, бидејќи не се дозволени грешки и не е дозволен никаков волонтеризам. Токму затоа ние сакаме да ги поддржиме нашите домашни, но и интернационални професионалци во овој сектор – посочи Николоски.

Нагласи дека земјава сака да го зголеми авиосообраќајот од двата македонски аеродроми и да има повеќе патници кои доаѓаат и си одат од тука и тикму затоа, како што кажа, почнавме нова кампања за субвенционирање на летови за која деновиве треба да заврши евалуацијата.